Дубаи, финансиски и бизнис центар на Заливот познат по отсуството на строги регулативи, долго време беше магнет за ултрабогаташите во светот, а одбивањето на Обединетите Арапски Емирати да заземат страна меѓу западните сојузници и Москва, им сигнализираше на Русите дека нивните пари таму би биле безбедни.
ОАЕ, кои со текот на годините ги продлабочуваа своите врски со Русија, не се приклучија во санкциите од западните земји и нивната централна банка досега не издаде упатства во врска со западните санкции.
Во многу случаи, богатите Руси се трудат во Дубаи да ги префрлат средствата што сега се во Швајцарија или Лондон – кои санкционираа руски поединци и организации, рече висок банкар во голема швајцарска приватна банка и адвокат запознаен со ова прашање.
Адвокатот, кој е со седиште во Дубаи, рече дека неговата фирма добила прашања од руски ентитети за тоа колку брзо тие би можеле да префрлат „многу големи средства“ во вредност од стотици милиони долари во арапската држава од Персискиот залив.
„ОАЕ се фин посредник – неколку часа оддалечени со лет и немаат регулатор што комплетно соработува со западните регулатори“, рече професионалец за управување со инвестиции.
Приватниот банкар рече дека во некои случаи, руски клиенти со сметки во приватни банки отворале сметки во филијалата на истата банка во ОАЕ. Други отвораа сметки во локалните банки, додаде банкарот.
Русите, кои се соочуваат со распадната економија дома, се трудат и да ги вложат своите пари во инвестиции, вклучително и недвижен имот и купување во фондови што не откриваат информации за сопственоста, рече друг финансиски извор.
Дубаи, глобална туристичка дестинација, одамна е популарно кај Русите, кои беа меѓу најчестите посетители на емиратот и купувачи на недвижен имот дури и пред војната.
Обединетите Арапски Емирати во 2018 година воведоа програма за „златни“ визи, со која им се доделува 10-годишен престој на инвеститори и други професионалци.
Засега нема знаци дека руското богатство што се влева во Дубаи може да стане предмет на санкции од Западот. Сепак, велат некои банкари, постои ризик од оштетување на угледот на институциите што добиваат руски средства бидејќи мултинационалните компании низ целиот свет ги прекинаа врските со Москва, пренесува Ројтерс.