Во Европската Унија, само приближно 12 проценти од аграрните имоти се раководени од помлади генерации. Сличен е процентот и во нашата држава.
Ова претставува сѐ поголем проблем, поради што е ставен во фокусот на новата визија на Унијата за иднината на агро-секторот до 2040 година.
Целта е да се охрабри поуспешно пренесување на земјоделството на идните генерации, беше истакнато на денешната 13-та сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој.
Како што наведоа учесниците, просечната возраст на „младите“ земјоделци кои управуваат со фармите е 57 години.
Аграрот не е доволно атрактивен поради несигурноста на заработката, комплицираните бирократски процедури и пропишаните барања, а претприемништвото, иновациите, дигитализацијата и новите алатки се само неколку од начините за подобрување на ситуацијата.
-Се соочуваме со слични предизвици како оние во ЕУ. И кај нас околу 12 отсто од земјоделските стопанства се водени од млади луѓе.
“Неизвесната перспектива за одржливи приходи, сложените регулаторни барања и бирократските оптоварувања, ниската профитабилност што ги попречува инвестициите, родовиот јаз, недостигот на пристап до основни услуги во руралните области и други тешкотии во професијата, се факторите кои го прават земјоделството се понепривлечно за младите генерации,” напомена професорката од Факултетот за земјоделски науки и храна, Александра Мартиновска Стојческа.
Таа подвлече дека визијата на ЕУ е да се создаде привлечен агро-сектор за младите. -„Темата за младите е многу емотивна. Каков е тој сектор или иднина без младите во неа?“, рече професорката.
Според словачката амбасадорка Ивета Хрицова, земјоделството е од голема важност за македонската економија и култура. -„Земјоделството е многу добра можност за развој на земјата и поголема конкурентност.
Словачка дава голема поддршка тука, не само финансиска, туку и стручна.
Помагаме земјата да ги исполни условите, особено во агро секторот”, нагласи Хрицова, укажувајќи на важноста на младите луѓе кои, рече, се локомотивата на државата.
Професорката од Филозофскиот факултет и национален координатор на НКЕУ-МК, Милева Ѓуровска, нагласи дека земјоделството е клучен сектор кон кој државата треба да посвети особено внимание.
-„Не може денес да се очекува дека новите генерации ќе го прифатат селскиот живот како судбина, како што било порано, и ќе продолжат со земјоделството како економија на преживување. Тоа е веќе минато.
Уште во седумдесетите години се истакнуваше дека земјоделецот во Европа не постои како традиционален пример, туку дека е земјоделски производител, а селото престанува да биде затворена заедница.
Демографските трендови, особено во последната декада, се загрижувачки.
Анкетите покажуваат дека младите не се гледаат во средина во која би споделувале само несигурност и затоа бараат алтернативи, а денес алтернативи постојат многу.
И во многу европски држави има слични проблемни, но не со таков обем и интензитет за да не може да се репродуцира земјоделството како економска гранка“, подвлече Ѓуровска.
Гледиштата на младите земјоделци од земјава се различни, некои сметаат дека интересот за земјоделство кај младите опаѓа, додека други забележуваат пораст во последниве години.
-„Се намалува интересот за занимавање со земјоделство пртед се, поради стереотипите – дека е тешка работа, дека е ниско профитабилна.
Сепак, најголема причина е недостигот на знаење, едукација, експертиза и информации. Решенијата ги гледам во поддршка на младите и руралните средини.
Потребна е поддршка која младите „ќе ги застане на нозе“ и ќе им овозможи услови да почнат бизниси во земјоделството.
Но, не е доволна само финансиска поддршка, потребни се и знаење, маркетинг и пазарен пристап”, изјави Горан Балески, претседател на Прва органска задруга Валандово.
Иван Додевски, кој е професионален пчелар, вели дека има сѐ поголем интерес кај младите за пчеларење. -“Предизвик е да се биде пчелар, но треба да се подобри едукацијата на проиозводителите и на потрошувачите, да се даде поголема поддршка во однос на опремата за да ги зголемиме производните капацитети.
Во последно време, зголемен е интересот кај младите за пчеларење”, рече Додевски.
На денешната дебата учествуваа македонски и словачки експерти за земјоделство, како и претставници на младински организации, земјоделски здруженија, млади фармери, академската заедница, граѓанскиот сектор и други меѓународни партнери.
Се очекува преку инклузивен дијалог да се развијат заеднички идеи и препораки за создавање подобра средина за младинско претприемништво во руралните средини и за зајакнување на улогата на младите како лидери и иноватори во своите заедници.