СДСМ денеска повика Основното јавно обвинителство (ОЈО) да отвори предмет и да го испита непостапувањето на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во рокот предвиден со закон за избор на вицегувернери.
„Станува збор за сериозни индиции за прекршување на законот и свесно блокирање на институционалниот процес од страна на гувернерот Славески“, наведуваат од СДСМ. Според Законот за Народната банка, вицегувернерите ги именува Собранието на предлог на гувернерот, а непостапувањето директно ја блокира законската постапка и го спречува Собранието да ја изврши својата надлежност.
СДСМ потсетува дека мандатите на вицегувернерите истекле уште во октомври 2025 година, а рокот за избор истекол во декември 2025 година, додека истите продолжуваат да учествуваат во донесување одлуки. „Постои основано сомнение за незаконито непостапување на гувернерот, институцијата функционира во спорен состав, а одлуките донесени во такви услови може да бидат правно оспорени“, велат од партијата.
СДСМ бара ОЈО да утврди дали гувернерот ја прекршил законската обврска, дали се овозможило незаконско продолжување на мандатите и дали одлуките на органите на Народната банка биле донесувани во незаконит состав. „Институциите не смеат да функционираат по волја на поединци. Законот мора да важи за сите, особено за оние што управуваат со најважните финансиски институции во државата. Сите ќе одговарате!“, порачуваат од СДСМ. објави Скопје1.мк