СДСМ ја обвини Владата предводена од Христијан Мицкоски дека ги изиграла работниците, откако наместо најавено зголемување на минималната плата, било направено само законско усогласување од 1.660 денари.
Од партијата велат дека со ваквото ниво на минимална плата работниците се доведени на раб на егзистенција, бидејќи не можат да ги покријат основните трошоци за храна, сметки и живот на своите семејства. Според СДСМ, ветувањата за минимална плата од 600 евра останале нереализирани.
Во соопштението се наведува дека Владата има средства за, како што велат, луксузирање со владиниот авион, набавка на мебел и службени возила, како и за „криминални тендери“, но нема пари за зголемување на примањата на работниците. Посочуваат и дека во Буџетот и натаму стои ставка од 124 милиони денари за авионот.
СДСМ оценува дека работниците не се приоритет на Владата и дека наместо повисоки плати, фокусот е ставен на тендери и привилегии за функционерите. Од партијата порачуваат дека граѓаните заслужуваат достоинствена минимална плата и реално подобрување на животниот стандард. објави Скопје1.мк