Опозициската СДСМ денеска ја претстави новата дигитална платформа за борба против корупцијата и криминалот – Македонски истражувачки центар за корупција и организиран криминал, скратено М.И.Ц.К.О. со очигледна директна илузија на македонскиот премиер. Од СДСМ рекоа дека платформата од денеска е активна и целосно оперативна. Таа може да се побара на страницата https://micko.mk/.

„Платформата е посветена на истражување и архивирање јавно достапни материјали и извештаи за наводни корупциски операции во Македонија. Што правиме? Истражуваме случаи. Длабински прегледуваме тендери, медиумски објави или случаи на корупција, вклучително и проверени судири на интерес и останати сомнителни операции во политиката, јавниот сектор, локалните и државните институции. Ги архивираме податоците, креираме регистар на наводни случаи со наведени извори, датуми и релевантни детали, овозможувајќи лесен пристап и пребарување. Промовираме транспарентност: делиме анализи и известувања како граѓаните, но и новинарите, експертите, невладините организации можат да дадат придонес“, посочи Александар Димитриевиќ член на ЦО, на СДСМ, на денешната прес-конференција.