Тој вели дека сега со зголемените цени на горивата ќе следуваат поскапувања на сè друго – ќе поскапи струјата, ќе поскапат основните прехранбени продукти и тоа, како што вели, ќе биде еден синџир на настани.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска излезе со предлози до Влада, за кои сметаат дека треба да бидат преземени за да се спречи ценовен шок за граѓаните.
„Имајќи предвид дека Владата ништо не прави, сметам дека треба да предложиме нешто, да го земат предвид и да го направат“,
рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на попладневната прес-конференција.
Она што тој го предложи е намалување на стапката на ДДВ од 18 на пет отсто при промет на сите енергенти, како и намалување на акцизата за четири денари, што според него, директно ќе ја намали цената на еден литар гориво. Дополнително на сè, Филипче предложи сведување на нула проценти на ДДВ на основните прехранбени производи за да се амортизира евентуален скок на цените.
Мерките што ги предложи Филипче доаѓаат откако претходно Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) објави дека од ноќеска на полноќ ќе има нови повисоки цени на дизел-горивото и на бензините. Дизелот, како што рекоа од РКЕ, поскапува за 14,5 денари за литар, а бензините за пет денари.
„Денеска сме соочени со поскапувања, и тоа не е изненадувањe имајќи предвид дека системот не е спремен да се соочи со криза, а за што предупредувавме и за време на анализа на Буџетот за 2026 година. Овој буџет е структуриран на начин на кој криза нема да може да издржи. Денешната одлука со која од утре цените на горивата растат не е нешто што дојде преку ноќ. Ова е резултат на случувањата со кризата, со војната во Иран“,
рече Филипче.
Тој вели дека сега со зголемените цени на горивата ќе следуваат поскапувања на сè друго.
„Ќе поскапи струјата, ќе поскапат основните прехранбени продукти. Тоа ќе биде еден ланец на настани коишто ќе следат после поскапувањето на горивата. Имајќи предвид дека владата ништо не прави, сметам дека треба да предложиме нешто, да го земат предвид и да го направат за доброто на граѓаните“,
додаде претседателот на СДСМ.
Според него, изминатиот месец во континуитет расте цената на светските берзи на нафтата и таа е порасната за 60 отсто.
Лидерот на СДСМ смета дека Владата досега требало да има вонредна седница за да се спреми системот и да се донесат мерки, за ваквите ценовни шокови да не ги почувствуваат граѓаните.
„А што имаме, тоа што вообичаено имаме од премиерот изминатите веќе две години, спинови, дефокус, навреди, недоличен речник, напади до мене лично, до опозицијата, манипулација со мигрантите, дали биле легални или нелегални, дека сме биле четврта економија во светот“,
додаде Филипче.
Филипче смета дека и покрај тоа што досега како опозиција предложиле конкретни мерки, платите не се зголемени толку колку што се реално потребни за да можат луѓето да преживеат.
„Сè што направија беше вештачко намалување на трошоците на живот, само на хартија, со тоа што се прави некаква ревизија на кошничката. Не била синдикална, била владина. Според владината, луѓето не треба да јадат леб и млеко, односно треба да јадат помалку. Ете тоа се предлог-мерките економски на премиерот и на Владата, којашто нема ниту визија, ниту капацитет, ниту знаење, а најмногу од се нема желба да им помогнат на граѓаните или нешто добро да направат за државата и тоа секојдневно го гледаме, ама затоа нивните бизниси добро си врват“,
кажа Филипче.