Со растот на цената се враќа и старата навика на Македонците да штедат во злато. Сопствениците на златарници во земјава велат дека сè поголем е интересот за купување на златен накит, но и на златни инвестициски плочки. Среброто пак го менува златниот накит, за тие што не можат да купат златен накит, нарачуваат сребро кое се позлатува за пониска цена. Аналитичарите велат дека ваквата реакција на граѓаните е нормална во период на економска неизвесност, инфлациски притисоци и нестабилни глобални пазари, златото да се наметне како симбол на финансиска сигурност. Со цената што се движи на историски високи нивоа, интересот за купување инвестициско злато расте и во Македонија. Но, дали тоа значи дека граѓаните почнуваат да го заменуваат традиционалното штедење во банки со физичко злато? Експертите велат дека во вакви времиња кога има војни и секојдневно движење на берзите, но и на светските валути, сосема нормално е граѓаните своите заштеди да ги претвораат во злато, кое за разлика од парите не ја губи многу својата вредност.
Со злато не се плаќа, тоа се чува под перница
Во период на економска неизвесност, златото се наметнува како симбол на финансиска сигурност. Златарниците со кои контактираше „Слободен печат“ велат дека граѓаните сè почесто бараат златни плочки како гаранција за заштедените пари.
– Се бара најчесто инвестициско злато со 24-каратна чистота. Се купува и накит, но и дијаманти. Многу често има барања од муштериите да им кажеме од каде да купат и златни плочки за да ја заштитат својата заштеда – велат во една златарница од златарската улица на Бит-пазар. Сопственикот објаснува дека се купува и сребрен накит, кој потоа се позлатува бидејќи дел од граѓаните со овие цени не можат да си дозволат златен накит.
Експертите пак велат дека во услови на војни и неизвесност, нормална е ваквата реакција на граѓаните.
– Златото со векови се смета за една од најстабилните форми на заштеда. За разлика од хартиените пари, чија вредност може да варира поради инфлација или економски кризи, благородниот метал историски ја задржува својата вредност. Затоа и македонските граѓани купуваат сè повеќе злато, да имаат барем некоја сигурна заштеда бидејќи состојбите со светските валути се непредвидливи. Исто е и со акциите, одат горе-долу. Златото е сигурно за тој што го купува, но лошо за економијата – вели ексминистерот за финансии Џевдет Хајредини.
Тој објаснува дека златото не се пари кои циркулираат во стопанството и влијаат позитивно на потрошувачката и на цела економија, туку се чува под перница, како заштеда, не само за граѓаните туку и за државните економии.
Хајредини вели дека постојат неколку фактори кои го зголемуваат интересот за злато во Македонија. Прво, инфлацијата ја намалува реалната вредност на парите. Кога цените на производите растат, граѓаните бараат начин да ја зачуваат куповната моќ на своите заштеди. Второ, глобалната економска нестабилност ги прави инвеститорите повнимателни. Во вакви услови, златото се перципира како „сигурно засолниште“. Трето, растот на цената на златото во последните години создава впечаток дека благородниот метал може да биде и профитабилна инвестиција.
– И централните банки купуваат злато како сигурност за своите економии-вели Хајредини.
Банкарските депозити сè уште доминираат
И покрај растечкиот интерес за злато, банкарските депозити и натаму се главниот начин на штедење во Македонија. Според податоците на Народна банка на, најголемиот дел од заштедите на домаќинствата се чуваат во банки, најчесто во денари или евра. Експертите велат дека причините за тоа се многубројни. Прво е довербата во банкарскиот систем, законската заштита на депозитите, лесниот пристап до средствата, но и можноста за добивање на камата.
Банките нудат сигурност и ликвидност, нешто што физичкото злато не може секогаш да го обезбеди на ист начин. Многу граѓани го гледаат златото не како замена за банкарското штедење, туку како дополнителна заштита на своите заштеди. Најчести форми на купување злато во Македонија се златни плочки, инвестициски монети и златен накит.
Во традиционалната култура на Балканот, златниот накит често се смета и за форма на „скриена заштеда“, особено во семејствата кои сакаат дел од капиталот да го чуваат во физичка форма.Движењето на цената на златото има и пошироки економски импликации. Прво, дел од девизните резерви на државите се чуваат во злато. Кога цената расте, вредноста на тие резерви се зголемува, што може позитивно да влијае врз финансиската стабилност. Второ, растот на цената на златото може да го зголеми интересот за трговија со благородни метали, што влијае врз локалниот пазар. Иако златото има репутација на сигурна инвестиција, експертите предупредуваат дека тоа не е без ризик.
Предности кога се штеди во злато се заштита од инфлација бидејќи како физичко средство тоа не зависи од банкарски систем, а има и долгорочна стабилност на вредноста.
Како ризици се сметаат варирање на цената, нема камата на злато, а потребно е и безбедно чување. Поради овие причини, финансиските советници често препорачуваат диверзификација на заштедите, односно комбинација од различни видови вложувања. Иако интересот за благородниот метал расте, малку е веројатно дека златото во блиска иднина ќе ги замени банкарските депозити како главна форма на штедење во Македонија.
Банките остануваат клучен дел од финансискиот систем, а нивната улога во кредитирањето и економскиот развој е незаменлива. Сепак, трендот на постепено зголемување на вложувањата во злато покажува дека граѓаните стануваат сè посвесни за потребата од диверзификација на личните финансии. Растот на цената на златото повторно ја отвора дебатата за улогата на благородниот метал во современата економија. За многу граѓани, златото не е замена за банките, туку дополнителна финансиска сигурност.
Во време на глобални економски турбуленции, токму оваа комбинација како традиционално банкарско штедење и вложувања во реални средства може да се покаже како најстабилна стратегија за зачувување на личниот капитал.