Регистарот на вистински сопственици, односно луѓе кои имаат корист од една фирма т.е. не само оние кои се регистрирани како директори или сопственици, туку кои крајно имаат корист од таа фирма е основан во 2021 година, но тој речиси и да не се користи од надлежните институции во борбата против корупцијата.

Истражување направено од Центарот за граѓански комуникации покажува дека од 17-те институции надлежни во борбата против корупцијата, само две институции го користат овој регистар. Институции како Управата за финансиска полиција, Управата за јавни приходи, Антикорупциската комисија и единиците за економски криминал и партиско финансирање не ги користат податоците од овој регистар.

Како сериозни пречки се посочуваат финансискиот аспект и времето потребно за обезбедување на податоците.

Еден од проблемите е што овој регистар не е бесплатен ниту за физичките, ниту за правните лица. Физичкото лице треба да плати 300 денари за да види дали некој функционер има фирма, а за направи увид во историјатот на фирмата ќе треба да одвои 800 денари. Плаќањето за правните лица е поевтино па така треба да плати 299 денари за да види дали некој функционер има фирма, а за да го провери историјатот треба да плати 600 денари.

Од Центарот за граѓански комуникации кои денеска организираа тематски форум за користење на податоците од регистарот на вистински сопственици препорачуваат надлежните институции да ги вкрстуваат податоците за да се следи трагата на парите и да се види дали одредени податоци од самиот регистар се точни.

Од Центарот спровеле уште едно истражување кое покажало дека 23 избрани и именувани лица кои имаат фирми целосно или делумно не ги пријавиле своите бизнис интереси во изјавата за интерес што ја поднесуваат до Антикорупциската комисија. 17 лица воопшто не ги пријавиле 18-те фирмите во кои имаат сопственички удел, а шест лица наместо да пријават 34 фирми, во изјавите за интерс пријавиле само девет фирми. Практично, речиси секој втор функционер доставил неверодостојни податоци во изјавите за интереси.

Во изјавите доставени до ДКСК недостигаат вкупно 43 фирми кои се во сопственост на избрани и именувани лица, покажува истражувањето.

Политичарите најчесто ги пријавувале фирмите во кои директно се јавуваат како основачи, но не и фирмите што понатаму ги основале нивните компании. Дел од овие фирми имаат добиено јавни набавки или лиценци за вршење енергетска дејност, што укажува на јасен ризик од судир на интереси.

Избраните и именувани лица кои имале фирми не добивале тендери во институцијата со која раководеле, но добивале тендери во други институции.

Дури има и случај во кој претседател на Совет на општина склучува договор со сопствената фирма и се потпишува на двете страни – и во името на општината и во името на фирмата.

Со истражувањето биле опфатени вкупно 360 избрани и именувани лица во периодот од 2022 до 2024 година што значи и актуелни и поранешни функционери. Кај 41 лице било утврдено дека се сопственици на фирми што значи дека 12 проценти од носителите на јавни функции се испробале во бизнис секторот.

– Нашиот регистар е формиран во 2021 година, меѓутоа нашите истражувања покажаа дека тој многу малку се користи во борбата против корупцијата. Ги имаме податоците, меѓутоа малку се користат, а потоа имаме и мала интероперабилност односно вкрстено користење на податоците за вистински сопственици односно кој добил јавни набавки, кои добил концесии, кои добил други тендери, за да се види дали функционерите, затскриени зад некои компании, како крајни сопственици користат државни фондови, злоупотребувајќи ја својата функција – изјави Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Од Владата велат дека регистарот на вистински сопственици треба да стане јавно достапен. Според вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, разоткривањето на вистинските сопственици на фирмите кои ги добиваат тендерите може да помогне во борбата против корупцијата и судирот на интереси.

– Отчетноста на вистинските сопственици не е само правна обврска, туку тоа е и основата за етичко владеење и фер конкуренција. Над 70 илјади поединци се имаат регистрирано како вистински сопственици со околу 90 проценти обврзани единки и ова покажува една добра транспарентност, но скорешните студии во Република Македонија откриваат дека потенцијалот на регистарот е се уште неоткриен. Предизвиците како што се попречен пристап, недостапност на податоци, слаба верификација, недостаток на институционална интероперабилност, ги намалува истражувачките вредности. Нашиот регистар на вистински сопственици треба да биде јавно достапен – категоричен е Фетаи.

Во Антикорупциската комисија очекуваат до крајот на 2027 година да се надогради софтверското решение и на дневна основа да добиваат информации за сопствениците на фирми.

– Со целосна операционализација на овој регистар и со дигитално поврзување со Централниот регистар, ние како институција ќе имаме увид во сите компании каде што како вистински сопственици се јавуваат државните функционери, Ние, согласно законот, ги следиме, покрај функционерите, и членовите на нивните семејства, како и блиските, односно лицата со кои тие би имале финансиски интерес. Така што, овој регистар е корисен од повеќе аспекти. Ние сме поврзани со Централниот регистар, но со целосна операционализација преку ИПА-проект софтверското решение што го имаме, ќе се надгради, така што автоматски ќе имаме податоци и ќе имаме на дневно ниво увид кој е сопственик и каков интерес има – вели новиот претседател на Антикорупциската комисија Адем Чучуљ.

Од Бирото за јавни набавки велат дека продолжуваат со подобрување на транспарентноста во делот на податоците што ги имаат за јавните набавки.

– Заедно со Централниот регистар ја подготвиме инфраструктурата поврзана со системите, надграден електронски систем за јавни набавки и од 17 ноември оваа функција е веќе активна. До овој момент има над 3.000 записи во изминатите скоро два месеци, што значи дека во наредниот период оваа бројка ќе се зголемува. Она што можам да кажам е дека сите заложби што ги имаме како државни институции за борба против корупцијата, и понатаму Бирото за јавни набавки ќе ги поддржува и ќе ги вложува своите напори и ресурси во подобрување на системите – изјави Маре Богева, директорка на Бирото за јавни набавки.