Извршната директорка на DBS Bank, најголемата банка во југоисточна Азија, предупредува инвеститорите на можни турбуленции на пазарот и предлага диверзификација како клучна стратегија за стабилност.

Извршната директорка на DBS Bank, најголемата банка во југоисточна Азија, Тан Су Шан, упати сериозно предупредување до инвеститорите – да се подготват за период на нестабилност и потреси на глобалните финансиски пазари.

„Вреднувањата на американските акции се станаа неодржливо високи“, изјави таа, нагласувајќи дека флуктуациите и волатилноста ќе станат новата реалност.

„Величествената седумка“ и стравот од пукање на пазарниот балон

Тан, која во март годинава ја презеде функцијата од долгогодишниот директор Пијуш Гупта, истакна дека инвеститорите сè повеќе стравуваат поради пренадуваните вредности на технолошките акции поврзани со вештачката интелигенција, особено оние познати како „Величествената седумка“ – Amazon, Alphabet, Meta, Apple, Microsoft, Nvidia и Tesla.

„Имаме билиони долари врзани за само седум компании. Со таква концентрација, прашањето не е дали, туку кога ќе пукне балонот“, рече Тан.

Сличен став изразија и други финансиски лидери на Глобалниот инвестициски самит во Хонг Конг, каде што мнозинството соговорници предупредија дека пад на пазарите од 10 до 20 проценти во следните 12 до 24 месеци е многу веројатен.

Шефот на Morgan Stanley: „Корекцијата е здрав процес“

Извршниот директор на Morgan Stanley, Тед Пик, изјави дека повремените падови на берзите се здрави за пазарот, а не знак за нова криза – мислење со кое се согласи и Тан Су Шан.
„Искрено, мала корекција би била здрава“, додаде таа.

Како примери за моменталната нестабилност ги наведе компаниите AMD и Palantir, чии акции паднаа и покрај подобри финансиски резултати од очекуваните.
Нејзините коментари доаѓаат по серија предупредувања од Меѓународниот монетарен фонд и од шефовите на централните банки – Џером Пауел (САД) и Ендру Бејли (Велика Британија) – кои исто така посочија дека цените на акциите се пренадувани.

Сингапур како „сигурно засолниште“ за инвеститорите

Како решение, Тан препорачува диверзификација – и на портфолијата, и на пазарите.
„Без разлика дали станува збор за инвестиции, синџир на снабдување или побарувачка – едноставно, диверзифицирајте“, порача таа.

Според Тан, Азија би можела да привлече повеќе капитал од САД, а како клучен центар го истакна Сингапур, кој го опиша како идеално место за безбедни вложувања.

„Имаме владеење на правото, транспарентен финансиски систем и политичка стабилност. Добро место сме за инвестиции и диверзификација“, заклучи таа.