Поминаа повеќе од 5 и пол години од пропаѓањето на банката. Голем број граѓани и компании останаа без своите заштеди и деловни средства, додека постапката што ја водат надлежните институции останува без јавно објавен епилог, реагираат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
Истрагата, како што велат, отворена во февруари 2021 година, е насочена кон поранешни највисоки раководни лица на банката, односно членови на надзорните и управните структури и лица одговорни за кредитната политика и носењето на клучните финансиски одлуки.
„Според информациите што досега беа објавени во јавноста, предмет на истражување се сомнежи за незаконско и високо ризично кредитирање на компании, воспоставување систем на меѓусебни позајмици со цел прикривање на реалната изложеност, измама и злоупотреба на службена положба, како и елементи на перење пари и други финансиски малверзации поврзани со управувањето на банката во периодот пред нејзиниот колапс.
И покрај сериозноста на наводите и обемот на штетата, по повеќе од пет години нема поднесено обвинение ниту започната судска постапка. Овој застој отвора прашања за ефикасноста на институциите и за примената на принципот на еднаквост пред законот, особено кога станува збор за случаи со големи финансиски импликации и јавен интерес.“
Оштетените граѓани и компании, додаваат од здружението, имаат право на транспарентна и правична постапка, како и на јасен одговор дали и кога ќе се утврди кривична одговорност.
Според нив, владеењето на правото подразбира дека секое сериозно сомневање за криминал мора да биде процесуирано навремено и непристрасно, без оглед на позицијата на оние што биле дел од раководните структури.
„Секој дополнителен ден без институционална одлука ја продлабочува перцепцијата дека постојат двојни стандарди во примената на законот. За да се врати довербата во системот, неопходни се транспарентност, отчетност и навремена правна разрешница.“