Повеќе граѓани и компании од 2024 година наваму добиле поврат на средства од заемите од Зелениот финансиски инструмент наменет за полесно инвестирање во обновливи извори на енергија и ефикасни енергетски решенија. Досега заемите ги искористиле граѓани од повеќе категории како жени, лица со инвалидност, повратници од странство, мали и средни компании кои набавиле топлотни пумпи, фотоволтаици, изградиле енергетски ефикасни домови или пак ги реконструирале своите домови.
Економската моќ на домаќинствата и компаниите значително влијание врз амбиенталните политики, особено кога станува збор за загадувањето на воздухот и климатските промени. Социо-економскиот статус директно го условува пристапот до енергетски ефикасни технологии и одржливи извори на енергија. Домаќинствата со мали приходи најчесто користат евтини горива што го загадуваат воздухот како дрва, јаглен, особено во зимските месеци. Истовремено, малите и средни претпријатија иако се носители на локалниот економски развој, често немаат доволна ликвидност или пристап до поволни кредити за зелени инвестиции. Овие економски бариери, според УНДП, создаваат системски предизвик за транзиција кон нискојаглеродна економија.
Затоа, економските инструменти – како што се субвенции, грантови и поволни зелени кредити – стануваат клучни алатки за овозможување на инклузивна енергетска транзиција и за постигнување на националните цели за климатска отпорност и одржлив развој. Енергетската транзиција, покрај климатските промени, сè повеќе се наметнува како клучен двигател на економскиот развој. Како земја кандидат за членство во ЕУ, Северна Македонија има стратешка обврска да ги усогласи своите политики со Зелената агенда за Западен Балкан и да ја вгради одржливоста во сржта на својот економски модел.
Како до поволностите од Зелениот финансиски инструмент?
Жителка на Скопје, која купила топлотна пумпа за околу 6.500 евра, а планира и фотоволтаици, вели дека со помош на овој инструмент на Заедничкиот фонд на Обединетите нации поддржан од Владата, граѓаните може да научат и за тоа како да ги намалат трошоците за одржување на домаќинството и да живеат еден поудобен живот. Користа е двојна. Од една страна се добива поврат на средства од кредитот, што за граѓаните е 30 проценти, а од друга страна кредитот се исплаќа на рати. Вложувањето во обновливи извори на енергија и ефикасни енергетски решенија ги намалува трошоците за електрична енергија, што, како што вели таа, во финансискиот дел за нашите семејства е многу голема заштеда. Сметките за струја можат да бидат помали од 40 до 60 проценти.
Да се има убава куќа е сон на секого, но кога Синиша Беадер, повратник од Канада, ја добил информацијата дека постои можност да има современа енергетски ефикасна куќа и притоа да си поврати дел од вложените средства, решил да аплицира и да купи фотоволтаици.
“Јас земав грант од 30 отсто за фотоволтаици, врз основа на тоа дека сум повратник од странство. Повратник сум од Канада. Чувството на дома е неспоредливо од каде било на други место да живееш”, вели тој.
Вработените од програмата биле многу љубезни и му објасниле како да го добие грантот, кој го добил многу бргу.
“После тоа беше потребно само поврзување со банката за тоа како функционира грантот”, вели Беадер.
Причината поради која е заинтересиран за фотоволтаици, како што нагласува, е за да биде независен од системи и ситуации, растечките цени на електричната енергија, а и Македонија, како што нагласува, е земја на сонце.
“Може да се искористи максимално и да биде корисно за секое домаќинство. Во однос на природата нема никакво загадување, не се користат фосилни горива. Јас би препорачал, секој кој што има можност да добие ваков грант да се ориентира кон овие обновливи ресурси на енергија. Тоа е иднината. Светот се движи натаму”, вели Беадер.

Зелениот финансиски инструмент всушност е заедничка програма на ОН насловена „Зелен финансиски инструмент за подобрување на квалитетот на воздухот и борба против климатските промени во Северна Македонија“ која претставува стратешка иницијатива вредна 46,5 милиони американски долари. Програмата е поддржана од Заедничкиот фонд на ОН за целите за одржлив развој и е имплементирана од УНДП во партнерство со нашата Влада, Европската банка за обнова и развој, Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Економската комисија при ОН и локални финансиски институции.
Поедноставно кажано, домаќинствата каде што жената е единствен или главен носител на приход, самохрани родители, семејства со три или повеќе деца, семејства со еден приход, лица со попреченост, млади на возраст од 18 до 35 години, Роми, повратници од странство и приматели на дознаки од странство и мали и средни претпријатија преку неколку банки во земјата можат да земат заеми или кредити за инвестиции во обновлива енергија и енергетска ефикасност, а преку оваа програма добиваат поврат на средства до 30 проценти од главницата за домаќинства и тоа до 10 проценти од првичниот износ за мали и средни претпријатија.
Граѓаните и компаниите кои се заинтересирани да ги искористат овие поволности за постапката за аплицирање и за сите други информации можат да испратат електронска пошта на [email protected] или [email protected].
Заемите се достапни во Силк Роуд Банка, TTK Банка АД Скопје и Штедилница Можности, додека малите и средните претпријатија Шпаркасе Банка АД Скопје, Шпаркасе Лизинг АД Скопје, Комерцијална Банка АД Скопје и Прокредит Банка АД Скопје.
Граѓаните и малите и средните претпријатија за вакви заеми можат да аплицираат и во текот на 2026 година.