Деаноски смета дека проблемите би се решиле со вреднување на трудот на работниците и брзо донесување на новите закони за судска и обвинителска служба, кои предвидуваат повисоки плати за вработените.
Вработените во судовите сè уште немаат земено плата за ноември, а осум месеци наназад чекаат и на исплата на додатоците на плата. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, денеска предупреди дека доколку Судскиот буџетски совет не донесе одлука за исплата на додатоците, работниците во четири суда бараат прекин на работата, а дали тоа ќе биде штрајк или протест, дополнително ќе се организира.
Според Деаноски, синдикатот побарал 25 отсто додатоци на плата за вработените, но наишол на отпор од судиите.
„Судиите се бунат, не сакаат вработените да добијат 25 отсто додатоци на плата, па одложената средба на Судски буџетски совет за неколку часа е за да се направат нови пресметки и нови математики“,
истакна Деаноски.
Тој посочи дека состојбата е доведена до критична точка бидејќи регресот за годишен одмор мора да се исплати до 15 декември кога се затвора трезорот на Министерството за финансии.
Деаноски го критикуваше Судскиот буџетски совет и судиите за злоупотреба на системот, нагласувајќи дека судиите се функционери, а не работници.
Тој рече дека судиите неосновано тужат по основ на колективни договори кои се наменети за работниците.
„Ако работник од судовите суди или поднесе тужба во кој било суд за да се донесе одлука чекаме од три до четири години, а ако судија тужи, имаше таков пример – сега поднесена тужба во јули, а правосилна пресуда во август“,
рече Деаноски.
Деаноски потсети дека судиите, како функционери, веќе добија 78 отсто додаток на плата со одмрзнувањето на одлуката од 2009 година.
„Има информации дека имаат поднесено иницијатива до Уставен суд и бараа да падне одлуката на Влада што ја носат секоја година за замрзнување на коефициентите на функционерите. Ако падне таа одлука, тоа значи дека процентуално пак ќе се зголемат платите на судиите, на другите функционери, што е поразително“,
додаде тој.
Деаноски смета дека проблемите би се решиле со вреднување на трудот на работниците и брзо донесување на новите закони за судска и обвинителска служба, кои предвидуваат повисоки плати за вработените.
Во моментов, во судовите работат 1 400 до 1 600 вработени, а најголемиот товар паѓа врз дактилографите, стручните соработници и референтите.
На прес-конференцијата, Деаноски најави и старт на проектот „Синдикат силниот глас на младите“, кој се финансира преку програмата „Еразмус плус“ на ЕУ.
Проектот ќе трае 24 месеци и ќе вклучи 11 организации (синдикати, универзитети и младински организации) од Македонија, Србија, Хрватска, Литванија, Турција, Романија и од Словенија.
Целта на проектот е да се надмине проблемот со иселувањето на младите луѓе, кои заминуваат поради ниски плати, несигурни работни места и немање можност за унапредување.