Високата цена на нафтата ја притиска домашната пекарска индустрија. Се трошат залихите за да се одржи цената на лебот, но ако кризата потрае неминовно ќе има поскапувања.

Роберт Олтовски има 25 годишно искуство во производство на пекарски производи. Очекува поскапување на лебот и пекарските производи, бидејќи нафтата е составен дел на целото производство и дистрибуцијата. Според Олтовски, не е време за дневна политика, очекува навремена реакција на институциите и вклучување на сите капацитети.

Потрошувачите веќе прашуваат дали се поскапени пекарските производи.

Цените на лебот и пекарските производи сè уште се држат под контрола, бидејќи се трошат резервите – појаснува претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија Горан Малишиќ. Но, доколку продолжат воените конфликти, пекарската индустрија нема да го издржи ценовниот притисок од поскапувањето на нафтата што ќе резултира со повисоки цени на лебот и пекарските производи.

Транспортните компании веќе ги зголемиле цените на услугите за дистрибуција на суровините и брашното кон пекарите и готовите производи, што ќе влијае на крајната цена.