Во Скопје, Тетово, Штип и Битола се бележи пораст на цените за изнајмување на станови, особено во централните градски подрачја. Во некои делови на Скопје годинава цените пораснале за 10 до 15 проценти, информираат во изјава за МИА од Групацијата на агенции на недвижности при Стопанската комора на Северна Македонија. Побарувачката за недвижности, како што посочуваат, останува стабилна, особено во урбаните центри како Скопје, Штип, Битола и Охрид, што дополнително придонесува за растот на цените. Во последниот период иако зголемувањето е благо и постепено, нагласуваат, сепак не застанува.

По постојаниот раст на цените на становите, јавноста ги очекува најавените мерки за поповолни услови при купување прв стан, како и одлуката дали ќе остане повластената стапка на данок на додадена вредност (ДДВ) од 5 отсто. Паралелно со ваквите состојби, Државниот завод за статистика, вчера објави дека во  јули годинава се издадени 401 одобрение за градење, од коишто 228 се наменети за објекти од високоградба.

– Од почетокот на 2025 година, пазарот на недвижности во Македонија, особено во делот на закупите, покажува неколку значајни трендови и промени во споредба со претходната година. Младите професионалци и нововенчани парови се ориентираат кон изнајмување на домови најмногу поради високите трошоци за купување сопствен дом и заблудата дека можеби во иднина ќе паднат цените на недвижностите. Исто така  трендот на можност на преселба кон други земји им дава поголема слобода во изборот каде ќе живаат и поради тоа дел од младите иако имаат можности не инвестираат во купување на стан. Ова значително ја зголемува конкуренцијата на пазарот за закуп, велат од Групацијата на агенции на недвижности.