Новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, во своето прво видеоинтервју за МИА по стапувањето на функцијата, најавува константен девизен курс и ниска и стабилна инфлација, во границите на онаа во еврозоната, како и заштита на интересите на населението и економијата.
“Фиксниот девизен курс којшто добро и служеше на Република Македонија ќе остане и во наредниот период, да се надеваме на влез на Република Македонија во догледно време во Европската унија и подготовка за воведување на еврото со овој фиксен режим на девизен курс.”
Тој истакнува дека главна цел, во координација со фискалната власт, односно Министерството за финансии, е да се обезбеди ниска инфлација и стабилност на цените.
“Единствено што треба да се трудиме, што е и законска цел на НБРМ, во соработка со фискалната власт, односно Министерството за финансии, да обезбедиме ниска инфлација, односно стабилност на цените.”
Според Славески, од исклучителна важност е инфлацијата да остане во границите на еврозоната, со цел да се одржи конкурентноста на македонската економија. Тој додава дека повисока инфлација од двојно повисоката во еврозоната, како што било во минатите години, не е пожелна ситуација.
“Инфлацијата да биде во рамките на онаа во еврозоната, затоа што само така ќе одржуваме и конкурентност на нашата економија. Доколку како во изминатите неколку години имаме инфлација или стапка на инфлација двојно повисока од таа во еврозоната, тоа не е пожелна состојба.”
Тој ја нагласува важната улога на ниската и стабилна инфлација во поддршката на развојните политики, која обезбедува предвидливост и за граѓаните и за бизнисот.
“Мислам дека е императив, тоа, колку што имам информации е и цврста одлука, став на Владата, дека само ниска и стабилна инфлација која нуди предвидливост и за граѓаните и за бизнисот може да биде основа и поддршка на развојните политики во иднина кои ќе обезбедат стабилен посакуван раст на македонската економија и на среден и на долг рок,” вели Славески за МИА.
Гувернерот ги уверува граѓаните во сигурноста на нивните заштеди и најавува предвидливост за деловните субјекти при планирањето на нивните активности и развојни стратегии.
Во интервјуто, кое МИА ќе го објави во целост денес, Славески разговара и за очекувањата за економскиот раст, обезбедувањето на стабилноста на банкарскиот сектор, како и заштитата на интересите на граѓаните и бизнисот преку пониски каматни стапки. Тој исто така ги коментира реакциите и обвинувањата во јавноста за политичка мотивираност на неговото именување и ја споделува својата визија за работењето на централната банка во следните седум години.