Новоименуваниот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, изјави дека иако јавноста очекува стабилен номинален девизен курс, како професионален економист тој го следи и реалниот девизен курс, кој бележи значителна апрецијација. Ова, според него, се должи на повисоката инфлација во земјава споредено со еврозоната, што ја намалува конкурентноста на македонската економија.

„Пошироката јавност е фокусирана на она што се нарекува номинален девизен курс, кој очекуваме да биде фиксиран, но јас како професионален економист го следам и реалниот девизен курс кој зависи од односот на нашите домашните цени и цените со нашите трговски партнери, пред сѐ оние во еврозоната. За жал, во изминатиот период, особено по 2022 година, имаме значителна реална апрецијација на реалниот девизен курс, а тоа се должи на високата инфлација кај нас, која беше повисока во просек од онаа во еврозоната“, рече Славески, откако денеска даде свечена заклетва во Собранието.

Тој додаде дека реалниот девизен курс на денарот од ноември 2022 година до јануари оваа година зајакнал за 5,4 отсто во однос на сите трговски партнери, додека во однос на еврото денарот апрецирал за цели девет проценти. Ова, според гувернерот, значи губење на конкурентноста, бидејќи Македонија станува поскапа за трговските партнери, што влијае негативно на извозот и туризмот. Како пример, тој ги наведе откажувањата на туристички аранжмани од странски агенции со образложение дека земјава станала релативно скапа.

„Ова значи дека ќе треба инфлацијата, стапката на инфлација да ја држиме во рамки на онаа во еврозоната. Тоа што имавме стабилен фиксен девизен курс изминатиов период се должеше на една единствена причина, нашата стапка на инфлација беше во рамките на онаа во еврозоната со која е врзан денарот“, смета тој.

На прашањето дали по стабилноста на курсот на денарот веднаш ќе биде воведен флексибилен девизен курс, Славески одговори дека тоа нема да се случи. Тој посочи дека доколку вредноста е преценета, со ниска инфлација во рамките на таа од еврозоната, со тек на времето тие разлики ќе се „испеглаат“.

Собранието синоќа го именуваше Трајко Славески за гувернер на Народната банка со 68 гласа „за“ и 16 „против“.