Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, изрази убедување дека се спроведуваат мерки за редуцирање на инфлацијата на ниво под три проценти, во што забележува охрабрувачки знаци од Владата.
“Навистина сакаме да се симнеме на инфлација под 3 проценти. Тука има охрабрувачки сигнали од страна на Владата, помалку популизам од аспект на пристисоците за раст на платите.”
Тој додаде дека најверојатно до крајот на годината ќе бидат вложени напори и преземени мерки за да се усогласи буџетот со предвидените рамки, особено дефицитот во однос на трошењето. “Најверојатно до крајот на годината ќе има напори, мерки, да се вклопи буџетот во рамки на она што е придвидено, буџетскиот дефицит од аспект на трошењето. Тоа е фискалниот аспект.”
Славески појасни дека сите дополнителни макропрудентни мерки, како и конзервативниот пристап кон основната каматна стапка на благајничките записи која не е променета од јануари, се насочени кон намалување на инфлацијата на прифатливо ниво. “А сето она што го правиме со дополнителни макропрудентни мерки како што ги нарекуваме, претпазливоста од аспект на основната каматна стапка на благајничките записи која што од јануари не ја имаме променето, сето тоа е во насока на некој начин на намалување на инфлацијата на едно прифатливо ниво.”
Тој истакна дека прифатливо ниво е она кое нема да ги засега граѓаните. “Тоа прифатливо ниво е кога нема да ги тангира луѓето. Ќе има блага ползечка инфлација секогаш да речеме од околу два проценти, којашто нема да ја перципираме и нема да влијае на нашите одлуки и очекувањата”, изјави Славески по денешната средба со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности.
Славески исто така потврди дека системот на државата во рамките на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) ќе биде функционален во текот на декември. “Беше објавено дека од октомври и официјално влегуваме во СЕПА, ќе ни требаат заради подготовката на системот уште два месеца и до крајот на годината во текот на декември системот ќе стане оперативен”, рече Славески.
Во врска со падот на берзите во европските земји, тој посочи дека нема причина за пренесување на таквите трендови на домашните пазари, а за поголема сигурност на инвеститорите ја нагласи важноста од поврзување на пазарите на капитал во регионот, за што вчера во Загреб беше потпишан Меморандум за разбирање во врска со соработката во еволуцијата на пазарите на капитал во Централна и Југоисточна Европа.
“Секогаш кога има намалување на каматните стапки кај водечките економии тоа по правило значи намалување на вредоста на нивната валута затоа што пониски каматни стапки значат помал интерес за инвестирање во нивните средства, така што не гледам тука некоја причина за пренос на нашите пазари. Нашиот пазар на хартии од вредност, акциите, долгорочни хартии од вредност, е прилично ограничен. И со ова за што сега министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска е во Загреб конечно тоа што со години дури и децении се зборува за поврзување на пазарите на капитал на просторот во регионот може да значи поголема сигурност за инвеститорите”, оцени гувернерот Славески.