На социјалната мрежа Фејсбук се појави објава во која непознато лице јавно нуди продажба на фискални сметки со висока вредност на ДДВ, со цел побрзо достигнување на прагот за поврат од 2100 денари преку апликацијата „МојДДВ“. Во објавата, објавена на страната „Kupi Prodaj – Скенирaње Сметки“, се нудат сметки по цена од 150 денари поединечно или цело „полнење“ за 300 денари.
„Со моите сметки, кои веќе имаат високо ДДВ (700-900 денари по сметка), можете брзо да го достигнете потребниот износ од 2100 денари за поврат“, стои во објавата. Понудата е насочена кон граѓани кои не можат редовно да скенираат доволно сметки, па на овој начин би можеле со неколку скенирања да го добијат максималниот поврат на средства.
Ваквата активност претставува злоупотреба на системот за поврат на ДДВ. УЈП веќе има воспоставено механизми за откривање на нерегуларности при користење на „МојДДВ“, а според Кривичниот законик, обид за измама на државен систем може да повлече и кривична одговорност.