Ако биде 13 проценти поевтина од „синдикалната кошничка“, како што покажале пресметките во Владата, новата „релевантна“ кошничка за февруари би изнесувала 58.622 денари. И овде математиката покажува дека нема да бидат доволни две минимални плати за „просечен“ живот. Ќе недостигаат 6.530 денари.

Синдикалната минимална кошничка за февруари за четиричлено семејство изнесува 67.382 денари, а новата минимална плата што веќе важи за овој месец е утврдена на 26.046 денари. Ако двајца сопружници се нашле во категоријата вработени со минимална плата и ако имаат две деца, износот нема да им биде доволен да функционираат нормално. Ќе им недостигаат 15.290 денари. Но, од Владата велат дека синдикалната кошница не е направена како што треба, во неа има овошје што е неприкладно за сезоната и веќе една година најавуваат дека ќе излезат со релевантна кошничка. Релевантната кошничка се најде и на дневен ред на Економско-социјалниот совет, но по неговото одржување, на прес-конференција, министерот за економија Бесар Дурмиши рече дека таа не е усвоена и оди на доработка.

– Имаше забелешки во техничкиот дел, како и да се достават други ставки. Затоа таа пак ќе биде ставена на седница на Економско-социјалниот совет, кој се очекува да се одржи уште еднаш до крајот на месецов. Нашите анализи покажаа дека оваа кошничка е 13 проценти поевтина од синдикалната. Инаку, синдикалната кошничка не може да се смета за минимална туку за просечна за егзистенција на едно семејство, а и оваа што ние ја подготвуваме, што навистина ќе биде релевантна, е исто така просечна, а не минимална – рече Дурмиши.

Ако биде 13 проценти поевтина од „синдикалната кошничка“, новата „релевантна“ кошничка во февруари би изнесувала 58.622 денари. И овде математиката покажува дека нема да бидат доволни две минимални плати за „просечен“ живот. Ќе недостигаат 6.530 денари.

Од Владата останаа доследни на својот став дека тие нема да се мешаат во преговорите, односно дека ќе ги остават работодавачите и Синдикатот сами да преговараат за минималната плата. Од ССМ многупати велеа дека ова е „како да се договараат волкот и јагнето за ручек“. Претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска, непосредно пред почетокот на седницата на Економско-социјалниот совет нервозно изјави дека минималната плата воопшто не била ставена на дневен ред на Седницата и ја прекори Владата дека тоа го направила еден час пред седницата, така што тие не се подготвени за оваа точка. Но, министерот Дурмиши по завршетокот на Седницата рече дека тој само ја соопштува новата минимална плата во согласност со законската методологија, откако пристигнале податоците од Државниот завод за статистика, односно дека за тоа немало дискусија.

Според Законот за минимална плата, исплатената висина на минимална плата во бруто-износ за март секоја година се усогласува со: 50 проценти од порастот на просечно исплатената нето-плата за претходната година и 50 проценти од порастот на индексот на трошоците на живот за претходната година. Дурмиши посочи дека растот на просечната бруто-плата во 2025 година во однос на 2024 година е 9,6 проценти, додека инфлацијата на годишно ниво е 4,1 проценти и во согласност со овие податоци е пресметан и сегашниот раст на минималната плата.

Минималната плата е воведена во јануари 2012 година. Тогаш таа беше 8.050 денари, освен за текстилната и кожарската индустрија кога изнесуваше 6.282 денари. Вредноста на Синдикалната минимална кошница за јануари 2012 година изнесуваше 30.915 денари. Ова значи дека уделот на  минималната плата во кошничката  изнесува 26 проценти. Уделот  на новата минимална плата во февруарската кошничка (мартовската не е објавена) е 38,6 проценти.

Сепак, податоците покажуваат дека овој удел е значајно помал од оној во 2020 година. Тогаш во јануари синдикалната кошничка била 32.791 денари, а минималната плата 14.934 денари, со што уделот бил 45,6 проценти. Поради инфлаторниот притисок за време на пандемијата, во 2022 година со политичка одлука минималната мартовска плата се зголеми на 18.000 денари, а тогаш синдикалната кошничка изнесуваше 36.768 денари, со што уделот на минималната плата бил 48,9 проценти. Од декември 2023 година, ССМ пресметува синдикална кошничка по нова методологија, во чија изработка учествуваа многу експерти. Тогашната кошничка „тежела“ 56.522 денари, а минималната плата била 20.175 денари, односно уделот бил 35,7 проценти.