Македонија има многу плодна почва, но има малку организирано и плодоносно земјоделство. Голем пораз е дека увезуваме дури и лук, кромид и компири. А плус со години се даваат на земјоделци и многу пари за субвенции.

Еве сега има од ресорното министерство обид со предложените измени на критериумите за субвенционирање конечно да ја прекине праксата субвенциите да се делат „од ракав” и на кого треба и на кого не треба.

Новите правила велат дека се потребни минимум три крави, 30 кози или 30 пчелни семејства, најмалку 0,5 хектари лозје и обврска 30 отсто од производството да се предаде во откуп, за да се добие субвенција.
Реакциите од дел од помалите производители се очекувани, но бројките покажуваат дека и покрај растот на корисници на субвенции, домашното производство не расте.

Проретчувањето на корисниците не е казна, туку филтер што ќе ги насочи средствата кон оние што навистина произведуваат и живеат од земјоделство.
Впрочем, субвенциите не се социјална категорија и доста е со таа пракса.

Но, доста е и со праксата да не се проверува потемелно кој се давал и кому субвенции низ годините, а не требало да се прави тоа. И секако таквите да се санкционираат, а дел од парите и да се вратат во буџетот.