Со 79 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржани“ пратениците вечерва ги усвоија измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што ќе се овозможи линеарно покачување на пензиите за 2 000 денари.
Според законот, сите видови пензии што се исплаќаат во земјава, на 1 септември 2025 година и на 1 март 2026 година се усогласуваат на начин што вкупниот месечен износ добиен од процентот за зголемување на пензиите пресметан како збир од 50 отсто на порастот на индексот на трошоците на живот и 50 отсто на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во претходното полугодие во однос на полугодието што му претходи, објавени од Државниот завод за статистика, сее дели со вкупниот број на корисници на пензија што правото на пензија го оствариле заклучно со 31 август 2025 година, односно 28 февруари 2026 година.