Граѓаните онлајн ќе може и да закажуваат средби со пратеници во пратеничките канцеларии низ државата

Собранието ќе воведе две нови дигитални алатки – prashaj.sobranie.mk и kancelarii.sobranie.mk. Првата алатка има за цел да ја направи работата на Собранието попристапна, потранспарентна и поблиска до граѓаните. Таа има автоматска транскрипција, асистент со вештачка интелигенција (ВИ) што разбира и комуницира на македонски јазик, а за два месеци ќе комуницира и на другите јазици, и значително го намалува времето да се стигне до одредена информација за седниците на Собранието. Втората алатка е за електронско закажување средба со пратеник во пратеничките канцеларии низ целата држава.

Како што информира претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешната средба со новинарите, првата алатка е победник на настанот Хакатон, организиран лани од Собранието во периодот од 30 октомври до 1 ноември во соработка со НБИ и Швајцарската амбасада.

Изработувачот на оваа платформа Давид Петковски од „Брејнстер некст колеџ“ рече дека инспирација да ја направат алатката им било тоа што помладата популација не ги следи преносите на седниците на Собранието поради нивното времетраење со часови.

„Ако некој сака да дознае некоја информација, треба да следи видео од два или три часа, што не е реално за очекување дека тоа ќе го направи некој граѓанин. Информациите треба да бидат достапни, но тие беа скриени во долг формат којшто бара многу време и многу трпение. Нашето решение го решава тоа на брз и ефикасен начин со тоа што корисникот го зема јутјуб-линкот од преносот на седницата на Собрание и го дава на нашата алатка, при што тоа се обработува за на крајот на корисникот да му се сервира интелигентен ВИ-асистент, кого ќе може да го прашува за било што поврзано со седницата како прашања дали некој закон бил изгласан на седницата, дали се разговарало за одредена тема, што кажал некој пратеник“,

појасни Петковски.

Тој нагласи дека со оваа алатка Собранието ќе добие нов начин да комуницира со јавноста, кој е отворен, модерен и приспособен за денешните потреби.