Советот на ЕУ денеска ја усвови ревидираната Директива за европски работнички совети, чија цел е зајакнување на влијанието на работниците во мултинационалните компании.

Со регулативата се утврдуваат нормите за формирање на работничките совети и обезбедувањето на ресурси за нивно функционирање и се гарантира заштита на нивните членови.

Со измените на Директивата се предвидува обврска на компаниите да ги информираат и консултираат работничките совети за прашања поврзани со „одлуките што значително влијаат на работниците во повеќе од една земја членка“.

Компанијата информациите за ваквите одлуки може да ги држи во тајност или да ги третира како доверливи, само ако се исполнети одредени објективни критериуми и ако постојат причини што ги оправдуваат овие ограничувања.

Директивата, исто така, предвидува покривање на трошоците на работничките совети за правното застапување во судски и административни постапки.

Европскиот парламент ја усвои оваа Директива на 9 октомври 2025 година, па со денешното нејзино одобрување и од Советот на ЕУ, таа ќе стапи во сили по објавувањето во Службениот весник на Европската Унија. Од стапувањето во сила на Директивата, земјите членки се обврзани да ги имплементираат нејзините одредби во националните законодавства во рок од две години, а со нивна примена треба да започнат за најдоцна три години.

Европските работнички совети се тела за информирање и консултации во мултинационални компании во кои членуваат и претставници на работниците. Секоја компанија со над 1.000 вработени која функционира во најмалку две земји од ЕУ или од Европската економска зона (ЕЕА) е должна да формира работнички совети.