Објавените податоци за октомври 2025 година покажуваат дека Србија има убедливо најниска стапка на инфлација во регионот, додека Македонија е во групата земји со раст на цените над регионалниот просек, но сепак под нивоата во земјите со највисоки инфлациски притисоци.
Инфлацијата во Србија во октомври изнесуваше 2,8 проценти, што е убедливо најниско ниво меѓу набљудуваните земји надвор од Европската Унија.
Во текот на октомври, Македонија имаше инфлација од 4,5 проценти, што ја сместува горниот дел на регионалната скала – нешто подобро рангирана од Црна Гора, но полошо од Босна и Херцеговина, Унгарија и Хрватска.
Романија продолжува да бележи највисока инфлација во регионот, со дури 8,4 проценти.
Неодамна, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека очекува годишната ставка на инфлација оваа година да заврши меѓу три и пол и четири проценти, што, според него, е едно од најниските во Европа и во регионот. Тој не беше изненаден од инфалијата во октомври објаснувајќи ја стапката од 4,5 отсто на годишно ниво со ниското ниво минатата година во октомври кога беа аплицирани мерки за замрзнување на маржите во трговијата.
Мал позитивен сигнал е што во октомври преку индексот на трошоци на живот во однос на септември инфлацијата бележи намалување од 0,2 проценти. Намалувањето на месечно ниво се должи на помалите трошоци во делот на транспортот за 6,1 процент, мебелот и одржувањето на домаќинствата за 0,3 проценти и во делот образование и култура за 0,1 процент.
Зголемување на трошоците на живот има во делот на алкохолните пијалоци и тутунот и облеката и обувките за 1,2 проценти, храната и безалкохолните пијалоци за 0,3 проценти, домувањето за 0,2 проценти.
Сепак, споредбата со другите земји од регионот, покажува дека инфлацијата кај нас се уште е релативно висока.