„Во услови на светска неизвесност и постојани економски предизвици, воспоставувањето стабилен, добро капитализиран и одговорен банкарски сектор претставува суштинска потпора за граѓаните и за развојот на домашната економија.“ Ова беше една од централните пораки на средбата помеѓу гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и раководството на Македонската банкарска асоцијација (МБА) – претседателката, д-р Маја Стевкова Штериева и заменик-претседателот, м-р Бојан Стојаноски.

На средбата беше нагласено дека одржувањето на стабилноста на банкарскиот сектор е заеднички приоритет и предуслов за градење долгорочна доверба кај граѓаните и кај стопанството. Гувернерот Славески истакна дека банкарскиот сектор кај нас е добро капитализиран, со стапка на адекватност на капиталот од 19%, што овозможува отпорност и во услови на евентуални шокови. Воедно, беше потцртано дека Народната банка е активно вклучена во унапредувањето на регулативата преку свој придонес во подготовката на новиот Закон за банките, како и во доследното спроведување на Законот за решавање банки, заради понатамошно зајакнување на стабилноста и усогласеноста со европските стандарди.

„Народната банка преку добро поставените политики обезбедува стабилна и предвидлива средина. Тоа е предуслов за банките да ги исполнат очекувањата на граѓаните и компаниите – со сигурни, достапни и со квалитетни услуги“, рече гувернерот.

Посебен акцент беше ставен на потребата од натамошно унапредување на конкуренцијата во платниот промет, особено преку финтек-иновации и нови технологии. Во таа смисла беше отворено и прашањето за напредокот во пристапувањето на банките кон Единствената област за плаќања во евра  (СЕПА). Беше нагласено дека крајниот рок за поднесување на барањата е 5 октомври оваа година и дека се очекува од банките да ги засилат активностите за навремено исполнување на оваа важна стратегиска цел, со која ќе се подобри интеграцијата и ефикасноста на прекуграничните плаќања.

Во однос на монетарната политика, гувернерот истакна дека Народната банка внимателно ги следи движењата на внатрешните и надворешните фактори на ризик. Секоја идна одлука за основната каматна стапка ќе биде донесена врз основа на детални макроекономски анализи, со цел да се зачува ценовната стабилност и да се поддржи економската активност.