Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, потврди дека претставници на унгарскиот МОЛ пристигнале во Србија пред неколку дена и почнале да го анализираат работењето на Нафтената индустрија на Србија (НИС), изразувајќи очекување дека „во наредниот период ќе следат добри вести“.

Мацут за РТС денеска изјави дека доаѓањето на претставникот на МОЛ е дел од постапката што претходи на донесувањето конечни одлуки во врска со договорот за продажба и трансакција.

Тој потсети дека НИС добил лиценца за продолжување на работата во текот на јануари и дека се очекува испорака на нови количини нафта преку Јанаф, како и продолжување на преработката во втората половина од месецот.

Мацут додаде дека во иднина ќе се дискутира и прашањето за трансформација на сопственичката структура, со можност државата да го зголеми својот удел што, според него, би овозможило поголема контрола врз НИС.

Српскиот премиер нагласи дека резервите со енергенси се полни и нема причина за загриженост.