Сојузот на синдикатите на Македонија најави нов работнички протест што ќе се одржи на 1 Мај, по повод Меѓународниот ден на трудот, со барање за зголемување на минималната и останатите плати.
Протестот ќе започне во 11 часот пред Работничкиот дом на ССМ, а одлуката за негово организирање била донесена едногласно од Претседателството и Советот на синдикатот.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, на прес-конференција порача дека слоганот на овогодишниот протест е „За плати се бориме и не се молиме“, потенцирајќи дека работниците ќе излезат на улица за да побараат повисоки примања.
Од ССМ посочуваат дека минималната плата е усогласена без согласност на синдикатите и на штета на работниците, со зголемување од 1.667 денари. Според податоците со кои располага синдикатот, околу 50 проценти од работниците во државата примаат плата под 600 евра.
„Нашата борба за зголемување на минималната плата е праведна и неопходна, бидејќи половина од вработените земаат плата под овој износ“, истакна Трендафилов.
Од синдикатот информираат дека од почетокот на годината веќе организирале неколку протести и блокади, а најавениот првомајски протест го гледаат како продолжување на притисокот за подобрување на работничките права.
ССМ ги повика сите работници, како и другите синдикати, да се приклучат на протестот, наместо одбележувањето на 1 Мај да се сведе на прослави.
Во обраќањето беше направена и историска паралела со работничките протести во Чикаго, каде што започнала борбата за осумчасовно работно време. Од ССМ предупредуваат дека во Македонија и натаму постојат практики на продолжено работно време, што според нив не е во согласност со европските стандарди.
„Нема изговори во борбата за повисоки плати“, порачаа од ССМ, упатувајќи апел за масовно присуство на протестот на 1 Мај.