Денеска се очекува да биде одржан состанок на Економско-социјалниот совет (ЕСС), на кој партнерите, Владата, работодавачите и синдикатите треба да разговараат за актуелни прашања поврзани со стандардот на работниците.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) реагираа дека во најавата за оваа седница, на денвниот ред ја нема точката за зголемување на минималната плата. Тие излегоа со барање за покачување на минималната на 600 евра. Во изјава за ТВ Телма, потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, рече дека доколку оваа точка не биде ставена на агендата на ЕСС, ќе бидат организирани протести и штрајкови.
Ова претходно во интервју за Рацин.мк го најави и претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
„На 22 декември оваа сезона има седница на Економско-социјалниот совет од која ќе зависат многу следни активности. Зборувам од аспект на Сузот на синдикатите на Македонија и за тоа што работниците го очекуваат од ССМ. Анкетата ни покажа дека членовите на органите и телата, работниците кои одговорија, очекуваат од нас во најголем процент, односно 88 проценти од нив, доколку не се зголемуваат платите, повторно да го правиме тоа што го правевме изминатава година, претходната година, пред таа година и така и така натака.
И многу е веројатно доколку, доколку бидеме игнорирани како работници и доколку работниците бидат изоставени од страна на креаторите на политиките во овој социјален дијалог, следниот чекор да биде токму тоа во насока на изразување на работничкото незадоволство.
Ние не сме имуни на тоа. На претходната влада ѝ организиравме генерален штрајк во целиот јавен сектор, а работодавачите во приватниот сектор оваа година, заради тоа што одбиваа да седнат со работниците да се договорат, ќе бидат можеби најголемите виновници затоа што на оваа влада би ѝ се случил генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор.
Ние не го посакуваме тоа. Се надеваме дека разумно ќе може да се разговара, имајќи ги предвид аргументите, растот на платите во регионот, аргументите дека на една затворена компанија две нови се отвораат, аргументите дека расте бројот на вработени наместо да се намалува бројот на вработени, особено од периодот 2022 година навака кога се зголемува минималната плата.
Аргументите дека шест илјади денари помалку на едно четирично семејно домакинство му недостасуваат во тековниот месец за омозожување на најнеопходните услови за живот. И се надеваме дека анализата која веќе ја подготвивме и која ќе ја усвоиме на седница на органите и телата и ќе ја доставиме до 22-ри до владата и до работодавачите, ќе биде доволен мотив тие да разберат дека не зборуваме паушално, дека ова не се жалботеки на поединци и дека ова е реални барања на работниците врз основа на аргументи кои се непобитни од државните институции издадени.
Затоа повикуваме на разум. Изгубивме една цела година. Работниците немаат време и немаат веќе ниту трпение да дозволат уште еднаш да бидат изиграни од страна на социјалните партнери“, рече претседателот на ССМ Трендафилов.