Сојузот на синдикатите на Македонија протестираше пред Владата, барајќи зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на останатите плати за 100 евра. Претседателот Слободан Трендафилов изјави дека на седница во Владата ова треба сериозно да се дискутира.

„Денес ѝ испраќаме порака на Владата на денешната седница многу сериозно да разговара за барањето на работниците за зголемување на минималната плата, како и за зголемување на останатите плати. Бараме на денешната седница сериозно да размислат и да дискутираат, да ги растоварат работодавачите и да му подадат рака и на бизнисот, исто како што ќе им подадат рака и на работниците за зголемување на платите и за ослободување од придонесите за пензиско и здравствено осигурување.“, порача Слободан Трендафилов.

Доколку до крајот на овој месец не се постигне договор за зголемување на платите, Трендафилов најави генерален штрајк во втората половина на март.

„По генералниот штрајк ќе следи општ протест на работниците кој ќе се одржи по работното време, на кој ќе бидат повикани сите работници што сметаат дека нивните плати се ниски. Ќе обезбедиме превоз за сите работници за никој да нема изговор – сите ќе излеземе на улица за да им покажеме дека не сме задоволни од платите“, вели Слободан Трендафилов.

Инаку, Слободан Трендафилов во врска со малиот број на луѓе кои излегоа пред Владата изјави дека тоа е затоа што работниците се на своите работни места.