Парите од ИПАРД сѐ уште се стопирани поради истрагата за поткуп. Роковите за исплата на компаниите се ближат, а институциите не прецизираат кога ќе се одблокираат парите. Истрагата во ОЈО е во тек, а проверките на апликациите сѐ уште се спроведуваат заедно со Европската комисија.

Винарии од здружението „Вина од Македонија“, во кое членуваат најголемите производители и извозници на македонско вино, се наоѓаат во лимбо ситуација за добивање пари од ИПАРД програмата, откако од 10 ноември запре исплатата на европските средства по истрагата во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и апсењето на екс директорот на Илија Стоилев.

Извршната директорка на „Вина од Македонија“, Елена Младеновска Јеленковиќ во разговор за РСЕ вели дека случајот со Агенцијата за финансиска поддршка ги засега сите апликанти на ИПАРД програмата, додека субвенциите кои ги исплаќа државата од буџетот непречено се исплаќаат.

„Винариите членки на здружението секако дека ги засега оваа статус кво ситуација. Ова ќе значи дека ќе има одложување на реализацијата на исплатите, бидејќи ќе се чека извештајот од Националниот координатор за авторизација“, вели Младеновска Јеленковиќ.

Таа учествува и во работата на ИПАРД Комитетот како претставник на Стопанската комора, во кој членуваат и претставници на голем број министерства, агенции, комори, факултети и невладини организации.

Ова тело е под Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и има за цел да ја мониторира и следи ИПАРД 3 програмата во Северна Македонија, како и ефикасно спроведување на програмата за рурален развој, финансирана од ЕУ фондовите за претпристапна помош.

На неодамнешниот состанок на ИПАРД Комитетот, како што вели Младеновска Јеленковиќ, добиле „јасна информација од Брисел дека ја поздравуваат брзата реакција и посветеноста за воспоставување на систем кој ќе гарантира регуларност на исплатите“.

„Пораката која ја пратија е дека не е стопирана програмата за Северна Македонија, туку дека е на пауза се до разрешување на случајот. Она што ги охрабрува бизнисите е дека се гледа борбата со криминалот и корупцијата и се верувам дека сите апликанти кои имаат уредна документација и не се инволвирани, ќе продолжат со инвестициите и активностите. Се надевам дека ова ќе ги охрабри идните апликанти на следните повици похрабро да инвестираат во земјоделието, бидејќи најбитно за една држава е да може да обезбеди храна за своето население“, вели Младеновска Јеленковиќ.

Два договора имаат рок на исплата за две недели

Винариите од „Вина од Македонија“ се дел од групата компании кои чекаат исплата на пари од ИПАРД програмата.

Спред податоците кои од собраниска говорница на 27 ноември ги кажа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, од 453 склучени договори, 289 се веќе исплатени, 111 корисници немаат поднесено барања за исплата, а 53 договори очекуваат исплата на пари.

Со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, сега раководи Даниела Ротова – Лазарова, именувана од Владата по апсењето на нејзиниот претходник Илија Стоиелв.

Од таму велат дека во моментот се поднесени 13 барања за исплата на финансиска поддршка кои имат рок до крај на јануари. Два договори бројат ситно од 12 дена, а нивниот рок за исплата истекува на 30 декември.

За останатите потпишани договори од ИПАРД 3 програмата се уште трае рокот за реализација на инвестициите, а согласно тоа и рокот за поднесување на барање за исплата.

„Во моментот во Агенцијата се ревидираат предметите од ИПАРД 3 програмата, од страна на Националниот координатор за авторизација (НАО), Ревизорското тело за ИПА и Секторот за внатрешната ревизија на Aгенцијата. Истовремено се вршат и внатрешни контроли по задолжение на директор во рамките на секторите во Агенцијата на сите предмети кои се потпишани и одобрени од страна на претходниот директор Стоилев“, одговорија од институцијата.

Од Агенцијата напоменуваат дека тие само ги реализаат мерките од сите програми кои ги донесува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и дека немаат информации кога може да се очекува деблокада на исплатите.

Ваквиот чекор за суспензија на сите исплати додека не се разјаснат сите околности по аферата беше поздравен од Европската комисија.

Одлуката ја соопшти Министерството за финансии на 10 ноември. Повеќе од еден месец по прекинот, од кабинетот на Гордана Димитриеска-Кочоска не прецизираат кога може да се очекува тргање на блокадата.

Посочуваат дека во координација со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој направена е проценка на барањата за исплати кои се пристигнати со рок за исплата од 6 месеци.

„Проверките кои започнаа по носењето одлука за прекин на исплатите од ИПАРД 3 програмата, од страна на структурите на ИПА/ИПАРД се темелни и длабински со широк опфат и се се уште во тек и се спроведуваат во координација со Европската комисија. Се до завршување на проверките и проценката на целокупната состојба не би шпекулирале со временска рамка за повлекување на прекинот на исплатите“, одговорија од министерството.

На 15 декември, РСЕ се обрати и до Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија, прашувајќи дали го следат постапувањето на македонските институции во решавање на случајот и можноста која претходно ја најави Европската комисија за преземање на дополнителни превентивни мерки за заштита на финансиските интереси на ЕУ. Одговори не добивме.

Одлуката на Националниот координатор за авторизација доведе до целосен прекин на исплатите кон земјоделци и компании, потпишување на нови договори и објавување на јавни повици, се додека трае истрагата за случајот со поткуп поврзан со распределба на пари од ИПАРД програмата.

До каде е истрагата за ИПАРД 3?

Според обвинителството, првоосомничениот Џ.Н. (77), поранешен пратеник и министер, во изминатите месеци повеќепати ветувал подарок во висина од 50.000 евра на директорот Стоилев за да обезбеди потпишување договор со фирма што не ги исполнувала условите од јавниот повик за ИПАРД средствата.

„Иако фирмата на првоосомничениот не ги исполнувала условите, директорот на Агенцијата, по даденото ветување, го потпишал договорот и примил дел од паричниот подарок во износ од 400 евра,“ соопштија од обвинителството.

Полицијата ги пронашла парите при претрес и ги одзела како доказен материјал.

Другите тројца осомничени, меѓу кои еден даночен службеник во Управата за јавни приходи и еден вработен во Министерството за земјоделство, се сомничат дека посредувале и користеле службени влијанија за да го поттикнат директорот на Агенцијата да изврши дејствие што не смеел да го направи.

Повеќе од месец и половина од акцијата, од Обвинителството не откриваат дали освен досегашните петмина осомничени, истрагата е проширена и на други лица. Ниту пак дали се истражуваат и други компании кои добиле пари од ИПАРД-от во однос на исполнување на условите.

„Предметот за кој покажувате интерес е во истражна постапка и по него активно се постапува, во моментов обвинителството не може да сподели детали како не би наштело на понатамошниот тек на постапката“, одговорија од Обвинителството за организиран криминал и корупција за РСЕ.

По отворањето на истрагата, Државната комисија за спречување на корупцијата по сопствена иницијатива оформила предмет за проверка на податоците за имотна состојба на Илија Стоилев, поднесена по неговото именување за директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој.

„Постапувањето по предметот е во тек. По утврдување на фактичката состојба во конкретниот случај, ќе биде донесена одлука на јавна седница на ДКСК“, рекоа од институцијата.

Во ИПАРД 3 програмата за периодот од 2021-2027 година, вкупниот фонд изнесува 128 милиони евра. Од оваа сума, 97 милиони се европски пари, додека 31 милион евра се национално кофинансирање.