Европскиот суд за човекови права донесе пресуда што може да ја стави во историја долгогодишната практика на македонските судови да поставуваат лимити на сметките на должници основани или во сопственост на државата и општините. Одлуката е донесена на 18 ноември 2025 година, по две апликации поднесени од адвокатското друштво на адвокат Костадин Богданов, во име на повеќе осигурителни, градежни и трговски компании.
Во пресудата, Судот утврди дека оваа судска практика претставува повреда на член 6 од Европската конвенција за човекови права, кој гарантира право на фер судење, како и на член 1 од Протокол 1, кој ја штити сопственоста. Според оценката на Судот, долгогодишното ограничување на пристапот до вистинска наплата на правосилни пресуди претставува неоправдано мешање во правото на сопственост, а воедно го нарушува и правото на правична судска постапка.
Европскиот суд нагласи дека државата има обврска, во секој случај и без одлагање, самоиницијативно да ги исплати сите правосилни пресуди кои утврдуваат парично побарување против неа или против нејзини институции. Како што е наведено во пресудата, државата не смее да воспоставува законски или административни пречки кои ја оневозможуваат или одолговлекуваат наплатата на утврдените долгови.
Одлуката претставува значаен преседан за правниот систем во Македонија и може суштински да ја промени досегашната практика на судовите во однос на извршувањето врз државни институции и општини. Според Независниот синдикат на државната администрација, оваа пресуда означува нова фаза во почитувањето на правата на доверителите и во зајакнувањето на одговорноста на државните субјекти.