Со 850 милиони денари, или скоро 14 милиони евра, државата финансиски ќе ги поддржи студентите за да си набават компјутери. Мерката за која има голем интерес, сепак според дел од малите и средни компании таа е дискриминаторска. Од Владата, за РСЕ, велат дека нема да ги преиспитуваат условите.

Секој студент до 29 години кој запишал студии во академската 2025/2026 на некој од државните или приватните универзитети, ќе може да добие ваучер за да си купи лаптоп, таблет или персонален компјутер. Независно дали се редовни или вонредни, на студентите ќе им следува сума од 15.300 денари – предвидува Законот за вредносни ваучери кој Собранието го изгласа минатиот месец.

Сепак, нивното доделување на студентите ќе почне откако ќе завршат локалните избори – велат од Владината прес служба за Радио Слободна Европа.

Зекири: Јавниот повик поттикнува нелојална конкуренција

Но, бизнис секторот реагираше дека мерката е дискриминаторска за малите и средните претпријатија и ги повика институциите да ги преиспитаат условите за да им овозможат на сите компании да учествуваат на јавниот повик.

Извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, Дурим Зекиривели дека критериумите им одат само во прилог на големите компании кои се веќе етаблирани на домашниот пазар.

„Во јавниот повик е наведен услов според кој компаниите треба да имаат најмалку две експозитури на територијата на државата. Сметаме дека токму тој услов е дискриминаторски и непринципиелен што се однесува до слободниот пазар. Со него се елиминираат микро и малите компании целосно, а делумно и некои од средните, бидејќи не сите имаат по две или повеќе продажни локации“, посочува Зекири за Радио слободна Европа.

Според него, ваквиот услов само ја поттикнува нелојалната конкуренција, загрозувајќи ги пазарните позиции на помалите компании кои, како што вели тој, едвај преживуваат.

Затоа, Зекири бара Владата да ги преиспита условите. Барањето следува откако реагирале дел од членките на оваа стопанска комора, кои покажале голем интерес за учество на јавниот повик.

Меѓутоа, Зекири вели дека тој е „ексклузивен“ само за поголемите компании.

„Сметаме дека Владата не треба да интервенира во слободниот пазар и да одлучува кој ќе продава и кој ќе има придобивки од некои иницијативи како што е случајот сега со ваучерите“, додава Зекири за РСЕ.

За него ваквиот услов е нефер кон помалите компании кои работат формално, но како што вели, немаат можност да бидат присутни во сите градови низ државата.

„Таквите ограничувања не се соодветни бидејќи на крајот од денот, потрошувачот ќе оди и ќе си купи таму каде што тој смета дека е најсоодветно. Често пати и цената одлучува многу работи. Малите фирми имаат продавници само на една локација, па тие нека им служат на студентите од таа област. Не може буџетот да се полни со средства и од овие компании, а тие да бидат елиминирани и лишени од оваа иницијатива“, додава Зекири.

Како да аплицираат заинтересираните студенти?За да аплицираат за ваков ваучер, студентите треба да имаат свој профил на Националниот портал за е-услуги. Оние кои немаат креирано профил, ќе треба физички да отидат до некој од центрите на системот „Една точка за услуги“. Токму околу ова и најчесто биле досегашните консултации на студентите со Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ Скопје.

Претседателот на УСС УКИМ, Александар Николовски вели дека генерално, студентите досега не пријавиле некој поголем технички проблем.

„Секоја финансиска помош е добредојдена, особено за оние од социјално ранливи категории. Знаеме дека сега дигиталната форма на учење и стекнување знаења, подготовки за колоквиуми и испити е сѐ повеќе застапена и секако, оди преку електронски уреди. Од голема помош ќе биде за секој студент особено за социјално ранливите категории“, изјави Николовски за Радио Слободна Европа.

Доделување на ваучерите по локалните избори

Одговарајќи на прашањето на РСЕ пак, за реакцијата на компаниите, од Владата посочија дека сепак нема да ги преиспитуваат условите.

-Јавниот повик беше поставен со минимални и многу јасни услови, токму со цел да се овозможи поширока и правична конкуренција. Условите се само два: економскиот оператор да биде правно лице регистрирано за малопродажба на електронски уреди и да има две малопродажни локации запишани во тековната состојба – велат од владината прес служба.

Како што информираат оттаму, на јавниот повик се пријавиле вкупно 20 правни лица, но само 11 ги исполнувале условите и веќе се внесени во официјалната листа.

-Процесот на практично доделување ваучери сè уште не е започнат, од причина што во моментов во државата се распишани локални избори. Распределбата ќе започне по завршувањето на изборниот процес – се додава во писмениот одговор.

Инаку, Законот за издавање вредносни ваучери за електронски уред беше изгласан во собранието на крајот на јули со 84 гласа „за“.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов тогаш од собраниската говорница порача дека секој студент запишан на додипломски студии до 29 години ќе добие вредносен ваучер од 250 евра за да набави електронско помагало во форма на лап топ таблет или персонален компутер.

Пратеничката, Даниела Николова од СДСМ посочи дека ќе го поддржат законското решение, но ја критикуваше власта дека дури по една година се сетила на младите.

„Меѓутоа велите се враќа довербата, сега повеќе се размислувало за младите, но знаете дека тоа не е така, ова е прва мерка што ја предлага Владата во цела оваа година што се однесува на младите“, додаде Николова.