Општина Куманово ќе додели финансиски средства за поддршка на старите занаети, објавија денес од регионалната занаетчиска комора Куманово. За оваа цел, од општинската каса се издвоени 150,000 денари.
“Со овие субвенции сакаме да ја сочуваме традицијата и културното наследство.”
“Ги повикувам сите занаетчии кои се занимаваат со стари занаети да се пријават во комората, во просторијата каде што се наоѓа сувенирницата. Сите кои ги исполнуваат условите ќе имаат можност да добијат финансиска поддршка,” изјави претседателот на комората, Агрон Фазлији.
Општина Куманово, преку секторот за стратешко планирање, креирање политики, мониторинг и локален економски развој, обезбеди средства за помош на традиционалните занаети.
Документите за субвенции ќе бидат доделени на 25 септември, за време на Саемот на занаетчиите, кој ќе се одржи во занаетчискиот дом во Куманово. Во склоп на програмата за афирмација и унапредување на занаетчиството, во согласност со програмата на одделението за стратешко планирање, креирање политики, мониторинг и ЛЕР, покрај доделувањето субвенции, поддржан е и саемот за микро и мали фирми од Куманово и регионот.
Организирањето на саемот има за цел општината да ги промовира микро и малите компании кои работат занаетчиски дејности и има задача да ги мотивира младите да се вклучат во занаетчиството, да го промовира и стимулира младинското претприемништво, да овозможи поврзување и развој.