Она што е важно за земјоделците е дека Европската комисија не се откажува од поддршката на македонското земјоделие.

Суспендирана е ИПАРД 3 Програмата за Македонија поради големиот корупциски скандал во кој е инволвиран поранешниот директор на Платежната агенција Илија Стоилев, и неколкумина државни службеници од МЗШВ и УЈП.

Европската комисија потврдува за „Зелена берза“ дека стопирани се исплатите за корисниците од третиот квартал на 2025 година. Но, од ЕК напоменуваат дека оваа суспензија  не подразбира стопирање на целокупната ИПАРД 3 програма, туку само до 2027 година.

Целосната сума на ИПАРД 3 Програмата изнесува 97 милиони евра европски средства и 31 милион евра национални средства. Периодот за имплементација започнат 2023 година трае до 31.12.2030.

„Националниот службеник за овластување (НАО) на Северна Македонија одлучи да ги суспендира сите плаќања во рамките на програмата ИПАРД 3 2021-2027 од 7 ноември 2025 година до понатамошно известување.

Со оглед на сегашните околности, Комисијата ја надополнува оваа национална одлука и, како стандардна превентивна мерка, одлучи да го прекине последното барање за плаќање за третиот квартал од 2025 година поднесено во рамките на програмата ИПАРД 3. Оваа одлука на Комисијата не подразбира суспензија на целокупната програма ИПАРД 3“, стои во одговорот на Европската комисија испратен до „Независен“.

Во одоговор уште пишува дека Европската комисија е свесна за истражните активности што ги спроведуваат властите на Северна Македонија по сомневања за потенцијална корупција од страна на високо рангиран функционер во рамките на Агенцијата за ИПАРД. Па оттука ЕК  бара сериозен пристап за овој случај.

„Бидејќи се занимаваме со парите на даночните обврзници на ЕУ, очекуваме властите на Република Северна Македонија да продолжат да го сфаќаат ова прашање многу сериозно“, пишува ЕК.

Она што е важно за земјоделците е дека Европската комисија не се откажува од поддршката на македонското земјоделие.

„Комисијата одржува редовна комуникација со Националниот надзорен орган и со одговорните национални органи за напредокот во тековната проценка на ризиците и потребните корективни мерки. Комисијата е подготвена да продолжи да ги поддржува земјоделците, земјоделско-прехранбениот сектор и руралните области на Северна Македонија, под услов финансиските интереси на Европската Унија да бидат соодветно заштитени“, стои во одговорот од ЕК до „Независен“.

Скандалот  со распределбата на средства од ИПАРД 3 Програмата за нашата државата и натаму е во фокусот на интерес на фирми и земјоделски стопанства од државата кои зеле и требало да земат средства од оваа програма на ЕУ. Уште во ноември по избивањето на мега корупцискиот скандал веднаш беше стопирана исплатата на петнаесет корисници на ИПАРД 3 Програмата во износ од 400 илјади евра, потврдија од Министерството за финансии.

Само пред два дена Министерството за земјоделие излезе со официјално соопштение во кое пишуваше дека опозицијата преку свои соопштенија и изјави се обидува да ја манипулира јавноста и дека  Европската Комисија нема донесено одлука за суспензија на средствата од ИПАРД 3 програмата.