Светска банка изрази сериозна загриженост за економските последици од војната во Иран, предупредувајќи на ризици за раст на инфлацијата, губење на работни места и нарушување на снабдувањето со храна.

Висок претставник на институцијата оцени дека кризата веќе има глобално влијание и бара координиран одговор.

„Исклучително сме загрижени поради влијанието на војната врз инфлацијата, работните места и безбедноста на снабдувањето со храна“, изјави извршниот директор Паскал Донохо.

Според него, Светската банка веќе е во директна комуникација со земјите членки за да се утврдат приоритетите во справувањето со кризата.

„Во моментов се консултираме со многу влади за нивните потреби, а очекувам дека во следните неколку недели сликата ќе стане многу појасна“, изјави Донохо.

Во меѓувреме, Светската банка најави ново партнерство со Меѓународен монетарен фонд и Меѓународна агенција за енергија, со цел координиран хуманитарен и економски одговор на последиците од конфликтот.

Посебно ранливи, според проценките, се земјите од Азија и Африка, кои се најизложени на енергетски и ценовни шокови.

Кризата предизвикана од војната во Иран веќе се одразува врз глобалните пазари, а институциите предупредуваат дека следните недели ќе бидат клучни за дефинирање на обемот на економските последици.