Светските цени на храната паднаа на најниско ниво од јануари во октомври, а падот е забележан во сите категории освен во растителните масла, објави денес Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Вредноста на Светскиот индекс на цени на храната (FFPI) за октомври е 126,4 поени, што е намалување од 1,6 проценти во споредба со септември, според ФАО. Падот на цените на житарките, млечните производи, шеќерот и месото преовлада над зголемувањето на цените на растителните масла, според најновите податоци на организацијата.

Падот на цените на житарките беше еден од клучните фактори за вкупното намалување на индексот. Индексот на житарките падна за 1,3 проценти на 103,6 поени и сега е на најниско ниво за пет години благодарение на изобилството на глобални залихи и поволните изгледи за производство на Јужната хемисфера, каде што е во тек жетвата. Во исто време, зимската сеидба на пченица во земјите од Северната хемисфера напредува без поголеми нарушувања.

Индексот на млечни производи падна за 3,4 проценти на 142,2 поени, при што цените на путерот, млекото во прав и сирењето продолжуваат да паѓаат поради високиот обем на извоз од Европската Унија и Нов Зеланд, но и слабата куповна активност во Азија и Блискиот Исток. ЕУ вели дека благите температури во текот на сезоната придонеле за поголемо производство на млеко, што извршило дополнителен притисок врз цените.

Најизразен пад е забележан кај шеќерот, кој се намалил за 5,3 проценти на 94,1 поен, најниско ниво од декември 2020 година. Очекуваното рекордно производство во Бразил, како и најавите за поголеми пратки од Тајланд и Индија, значително ги намалија цените. Дополнителен притисок доаѓа од пониските цени на нафтата, кои ја намалуваат економската одржливост на преработката на шеќер во биогорива.

Индексот што ги следи цените на месото падна за два проценти на 125 поени, со што се прекина осуммесечната низа на раст. Најголем пад е забележан кај свинското месо и живината поради изобилството на понуда и послабата побарувачка, особено од Кина, која воведе нови тарифи за увоз од ЕУ и ограничувања за увоз од Бразил.