Глобалните цени на храната во август останаа на највисоко ниво од февруари 2023 година, бидејќи зголемувањето на цените на растителните масла, месото и на шеќерот го надмина падот на цените на житарките и на млечните производи, соопшти Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Вредноста на светскиот индекс на цените на храната (FFPI) за август беше 130,1 поен, што е малку повисоко од јулските 130 поени, според ФАО.

Индексот што ги мери цените на растителните масла се зголеми за 1,4 проценти, месечно на 169,1 поен, што е највисоко ниво од јули 2022 година. Палминото, сончогледовото масло и маслото од репка придонесоа за растот, додека соиното масло малку се намали, поради добрата прогноза за жетвата на соја во сезоната 2025/2026.

Месото достигна нов рекорд – индексот се зголеми за 0,6 проценти на месечна основа, па дури и за 4,9 проценти во споредба со август 2024 година, на 128 поени. Говедското и овчото месо најмногу поскапеа, благодарение на големата побарувачка од САД и од Кина, додека цените на свинското месо останаа стабилни, а цените на живината паднаа поради големиот извозен суфицит од Бразил.

По пет последователни месеци пад, шеќерот малку се зголеми за 0,2 проценти, на 103,6 поени, но, сепак, е девет проценти поевтин отколку во август 2024 година. Зголемувањето на цената беше поттикнато од послабите приноси на шеќерна трска во Бразил и од поголемата побарувачка од Кина, но беше ублажено од добрата прогноза за жетвата во Индија и во Тајланд.

Вредноста на индексот на цените на житото падна за 0,8 проценти на месечно ниво и за 4,1 процент на годишно ниво, на 105,6 поени, главно поради изобилството на понуда на пченица од Европската Унија и од Русија и слабата побарувачка во Азија и во Северна Африка, објавува „Танјуг“.

Спротивно на тоа, цените на пченката продолжија да растат трет месец по ред. Покрај тоа, вредноста на индикаторот за млечни производи месечно се намали за 1,3 проценти, на 152,6 поени, но цените сè уште се за 16,2 проценти повисоки отколку тој месец минатата година.

Вкупната вредност на светскиот индекс на цените на храната (FFPI) за август се зголеми за 6,9 проценти на годишно ниво, но во исто време беше за 18,8 проценти пониска од врвот во март 2022 година, се додава во извештајот на веб-страницата на ФАО.