Текстилната индустрија е пред банкрот и доколку не се обезбеди некаква поддршка резултатот ќе биде масовно затварање на голем број компании. Ова го тврдат сопствениците на околу дваесетина текстилни фабрики од југоистокот на државата кои поради ковид пандемијата се соочуваат со големи финансиски проблеми во работењето. Се жалат на зголемени трошоци, недостаток на работници и ниски цени на нивните услуги. На состанокот што го одржаа во Дојран заклучија дека дополнителен удар врз нивното работење ќе биде и енергетската криза и затоа бараат помош од владата.
Според текстилците надлежните треба сериозно да размислат пред да ја донесат одлуката за покажување на минималецот на 18 000 денари. Сметаат дека вработените во нивниот сектор заслужуваат многу поголеми плати, но во моментов овој чекор ќе бил дополнителен притисок врз нив. Доколку ваква одлука сепак биде донесена ќе бараат владата да ги ослободи од придонесите.
Сопствениците на текстилните компании најавија дека нивните барања ќе бидат доставени до Стопанската комора и до владата. Во моментов овој сектор само на југоистокот од државата вработува нешто повеќе од 3000 лица.