Додека македонската текстилна индустрија полека пропаѓа под товарот на глобалната конкуренција и погубните економски политики, работодавачите повторно го избраа најлесниот и најнечовечкиот пат, продолжена експлоатација на најслабо платените работници во државата. Последната изјава на Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи е врв на лицемерието и класната ароганција во исто време тврди дека нема работа и дека има недостиг на работници. Но решението не го гледа во подобрување на платите, условите или достоинството на трудот, туку во дополнително искористување на пензионерите, од кои бара да работат без никакво законско ограничување.

Димитров признава дека бројот на налози драстично се намалил, дека конфекциите работат на ситни нарачки и дека секторот е нерентабилен. Во исто време, предлага пензионерите да можат да работат неограничено како решение за недостигот на работна сила. Па ако нема работа, зошто тогаш бара уште луѓе да се вклучат во процесот? Очигледно, не станува збор за недостиг на работа, туку за недостиг на луѓе кои се спремни да бидат експлоатирани за минимална плата во тешки услови, без права и перспектива.

Текстилните работници со години се најексплоатираните во македонската економија. Работат во слабо осветлени и непроветрени простории, на стари машини, со преголеми норми и ниски плати. Заболувања на ‘рбетниот столб, видот, хронични болки, психофизички замор, ова е секојдневието на илјадници текстилни работници. И што предлагаат газдите? Наместо овие луѓе да одат порано во пензија поради природата на работата да ги оставиме да работат и откако ќе се пензионираат, без никакво ограничување.

Целиот систем, вклучувајќи ја и Владата, функционира како чувар на интересите на работодавачите, а не на работниците. Ниту една суштинска мерка не е преземена за да се намалат трошоците за живот на работниците, да се субвенционира социјалната заштита или да се регулира прекувремената работа. Наместо тоа, Владата ќе расправа дали пензионерите смеат да работат повеќе од 180 дена, како да не се работи за луѓе кои целиот живот работеле во услови слични на робовски.

Зголемувањето на минималната плата, кое беше еден од ретките позитивни чекори, сега се претставува како главна причина за кризата во секторот. Димитров вели дека тоа ги направило фирмите нерентабилни. Па зарем решението е работникот повторно да живее со 10.000 денари? Зар рентабилноста на фирмата се мери со тоа колку може да им скратиш на сиромашните? Додека сопствениците на конфекции патуваат на саеми низ Европа и живеат во луксуз, шивачките во Македонија немаат ни пари за основна храна и лекови.

Одговорот е очигледен, младите не сакаат да бидат евтина работна сила во сопствената држава. Ниту една млада личност не гледа иднина во фабрика каде што секојдневно добива укори, не добива плата со која може да преживее и каде не постои никаква можност за напредување. Работодавачите, наместо да се жалат, нека се запрашаат: што направиле тие за да ги задржат работниците? Дали некој од нив зголемил плата, дал бонуси, инвестирал во опрема, направил попријатна работна атмосфера?

Ова не е економска криза, ова е криза на моралот и политичката одговорност. Наместо да ги штитиме оние кои го движат тркалото на индустријата, ние ги препуштаме на суровоста на пазарот и алчноста на работодавачите. Ако Владата продолжи да молчи и да слуша само едната страна, таа страна што секогаш плаче дека им било тешко да станат милионери, тогаш нема ни текстилна индустрија, ни социјална правда, ни достоинство за обичниот човек.