На нивите зрее зеленчукот, но земјоделците се жалат, нема кој да го собере, а сушата дополнително им ја намалува родноста. И наместо надеж за поевтино на пазарите во септември, тие велат дека цените тешко ќе паднат.
Пиперката ајварка годинава ќе биде вистински луксуз за граѓаните. Откупната цена за прва класа е 45 денари, што значи дека на зелените пазари и во маркетите ќе се продава по околу 100 денари за килограм. И доматите веќе надминаа 100 денари. Земјоделците предупредуваат, сушата ги намали приносите, а високите трошоци за производство и големите трговски маржи дополнително ја пумпаат цената.
Велков е среде период кога во струмичкиот регион веќе се прибираат вторите, есенските култури, а најзастапена е индустриската пиперка. И покрај тоа што се зголемува потребата за зеленчук, производството се намалува. Според земјоделците, ќе има количини и за домашниот пазар и за индустријата, но ретко кој ќе прави ајвар, бидејќи цената на суровината е превисока.
И покрај ова, од Министерството за земјоделство постојано тврдат дека годинава откупната цена е повисока од лани и најавуваат контрола на откупот. Од друга страна, агрометеоролозите предупредуваат дека високите температури и недостигот на наводнување дополнително го влошуваат производството. Загрозени се сите култури, од градинарските до лозјето.
Иако сите очекуваат поевтин зеленчук, производителите предупредуваат – со вакви услови нема простор за намалување на цените. Напротив, велат дека оваа есен ќе се брои секоја тегла зимница.