Американскиот претседател Доналд Трамп објави царина од 50 проценти за бакар почнувајќи од 1 август, со цел да се заштити домашното производство на суровината, објави Ројтерс.

Американскиот претседател нагласува дека добил „сеопфатна“ проценка за националната безбедност, според која царините се неопходни за заштита на домашното производство на суровината.

„Бакарот е неопходен за полупроводници, авиони, бродови, муниција, центри за податоци, литиум-јонски батерии, радарски системи, системи за ракетна одбрана, па дури и хиперсонично оружје, кое моментално го произведуваме во големи количини“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social.

Земјите кои ќе бидат најпогодени од новата царина се Чиле, Канада и Мексико, главните добавувачи на рафиниран бакар, бакарни легури и бакарни производи во САД.

Чиле, Канада и Перу ѝ кажаа на американската администрација дека увозот од нивните земји не претставува закана и не треба да биде предмет на царини, бидејќи овие земји имаат договори за слободна трговија со САД.