Минималната плата во државата мора веднаш да биде зголемена, порача денеска претседателот на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, кој денеска присуствуваше на дебата на „Текстилијада 9“ во Штип.
Трендафилов посочи дека еден работник работи за себе, за работодавачот, за менаџерскиот тим, а сепак добива плата од близу 400 евра со која не може да се преживее месецот.
-Минималната, но и сите останати плати мора веднаш да се зголемат. Еден работник според последните податоци од Народната банка заработува на својот работодавач меѓу 300 и 600 илјади денари. Тој доаѓа на работа, работи за себе, ја заработува платата на директорот, на менаџерскиот тим, заработува за инвестиции, коли, викендици за работодавачот, рече Трендафилов.
Додаде дека две минимални плати не можат да ја покријат минималната синдикална кошничка, со што се вклучува алрамот за покачување на минималната плата. Забележа дека 500 евра се минималните плати во регионот со што младите не мораат да заминуваат на печалба во Германија, туку повеќе може да заработуваат во Србија, Босна и Херцеговина дури и во Албанија.
-Вредноста на синдикалната минимална кошница, која се пресметува од 2011 година беше основа за носење на Законот за минимална плата. До денеска се организирани 22 протести и два штрајка со цел да им се покаже на работодавачите дека минималната плата треба да биде зголемена на најмалку 500 евра со цел да може соодветно да се преживее месецот, изјави Трендафилов.