Агенцијата за електронски комуникации ја донесе конечната одлука за избор на трет мобилен оператор во земјава, при што лиценцата ја доби „Оне Македонија телекомуникации“, компанија во сопственост на унгарската групација 4iG.
Со одлуката, започнува рок од 10 дена во кој избраниот оператор треба да уплати еднократен надомест од нешто повеќе од 8 милиони евра за користење на фреквенциските опсези 700, 1800 и 3.x гигахерци. По извршената уплата, компанијата ќе добие одобрение за работа и ќе може веднаш да започне со нудење услуги, користејќи ја инфраструктурата на постојните оператори, додека паралелно ја развива сопствената мрежа.
Според обврските од тендерот, „Оне Македонија“ ќе треба да обезбеди 5Г-покриеност во најмалку еден град до март 2027 година, покриеност на главните сообраќајни коридори до крајот на 2028, 5Г-мрежа во сите градови до 2030 година, а до 2032 секој граѓанин да има пристап до 5Г-интернет со минимална брзина од 100 мегабити во секунда.
Од АЕК посочуваат дека влезот на трет мобилен оператор треба значително да ја засили конкуренцијата на телекомуникацискиот пазар, да влијае врз цените и квалитетот на услугите, и да ја забрза дигиталната трансформација — препорака што подолг период ја дава и Европската комисија.