Казиното за алткоини експлодираше на спектакуларен начин минатата недела – и не е јасно дали коцкарите се враќаат.
Крахот не го погоди само биткоинот. Тој ги уништи целите екосистеми на шпекулативни токени што ветуваа генерациско богатство преку вирални мемиња, брендирање големи имиња и слепа верба во бумот.
Биткоинот падна за 13 проценти по новата американско-кинеска царинска расправија. Но штетата беше многу поголема кај помалите токени, од кои многу паднаа и до 80 проценти пред привремено да закрепнат. Мемекоинот на Доналд Трамп, промовиран годинава од американскиот претседател, во петокот падна за 37 отсто, според „Коин маркет кап“ (CoinMarketCap). Токенот WLFI на „Ворлд либерти фајненшл“ (World Liberty Financial Inc.), исто така поврзан со семејството Трамп, падна за сличен процент.
Од избришаните 380 милијарди долари, околу 131 милијарда долари доаѓаат од алткоини, според „Теникс рисрч“ (10x Research) – сектор изграден на помала ликвидност, шпекулативни наративи и возбуда од дневните трговци.
Падот поттикнува сомнежи за иднината на екосистемот на алткоините. Трговците и креаторите на пазарот гледаат како структурната поддршка за овие токени еродира, со помалку купувачи и зголемена аверзија кон ризик. Оваа епизода – досега невидена по брзина и обем – се заканува да означи одлучувачки прекин на „го-го“ ерата, кога анонимните проекти можеа да скокнат за 1.000 проценти без какви било причини.
Како што велат истражувачите во „Арка“ (Arca), обичните набљудувачи што ги следат глобалните пазари можеби го пропуштиле тоа. Но, „ако сте целосно дегенериран криптотрговец, сепак, сте биле сведок на армагедон“.