Членовите на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент на вчерашниот состанок зад затворени врати што траеше до доцните вечерни часови не постигнаа договор за деблокирање на постапката за усвојување на Трговскиот договор ЕУ-САД.
Според информациите, на крајот било договорено нов состанок за судбината на договорот да биде одржан следната среда на 4 февруари.
Постапката за усвојување на Трговскиот договор ЕУ-САД беше блокирана минатата недела по заканата на американски претседател Доналд Трамп за воведување царини кон осум европски земји, затоа што, според него, се противат на неговите планови за преземање на Гренланд.
Против деблокирање на постапката за усвојување на документот јавно се декларираа Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД), либералната група „Да ја обновиме Европа“ и Левицата.
Според СД, имајќи ја предвид сè уште „нејасната природа“ на договорот за Гренланд што Трамп го постигна со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и бидејќи „зборовите не се доволни“, Парламентот треба „да се воздржи од брзање“ со усвојување на документот.
Либералите соопштија дека се против забрзување на постапката за усвојување на договорот сè додека не се направи „темелна проценка“ за тоа како стојат работите во врска со Гренланд, додека Левицата оцени дека продолжувањето со ратификацијата на документот само ќе го зацврсти статусот на ЕУ како „вазал“ на САД.
Од друга страна, најбројната група во ЕП, Европската народна партија (ЕПП) се залага за деблокирање на постапката и за што побрза ратификација на договорот.
Главната преговарачка на ЕПП за договорот, хрватската европратеничка Жељана Зовко изрази надеж дека партиските групи ќе имаат „зрелост да се соочат со моментот“.
– Досега гледам само играње игри. Нашите трансатлантски односи и трговија не треба да бидат заложник на овие игри што се играат, рече Зовко.
Според извори на ЕП, на повидок е „ново мнозинство“ во Комитетот за меѓународна трговија составено од ЕПП, Европските конзервативци и реформисти (EЦР), Патриотите за Европа (ПФЕ) и Европа на суверени нации (ЕСН), кое на состанокот следната недела би можело да донесе одлука за деблокада на постапката.
Доколку на состанокот в среда биде донесена одлука за продолжување на постапката за усвојување на договорот, Комитетот за меѓународна трговија би можел да се изјасни по него на заседанијата на 23 или 24 февруари, по што тој би се нашол на дневниот ред на пленарната сесија на ЕП во март.
Одлагањето на усвојувањето на договорот ќе оневозможи намалување на царините за извозот на некои производи од ЕУ во САД на нула проценти, но би можело да иницира и нов трансатлантски трговски конфликт и потенцијално да предизвика одмазднички американски царини од 15 отсто за европските стоки.