„На последната средба што вчера се одржа во Министерството, на која учествуваа повеќе од 30-тина земјоделски здруженија и земјоделци, беше изразена поддршка за започнатите реформи во делот на субвенционирањето. Присутните ја поздравија насоката на измените, нагласувајќи дека за првпат вистинските и активни земјоделци се ставаат во фокусот на приоритети“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски при своето гостување во „Лидер“.
Министерот посочи дека досегашната пракса овозможувала злоупотреби, посочувајќи примери со лозови насади кои формално се одржуваат, но без реална продукција, како и овошни насади во ресенскиот регион каде што не се врши вистинска обработка, а сепак се аплицирало и се добивале субвенции. Реформите имаат за цел да воспостават фер и правичен систем во кој поддршката ќе ја добиваат оние што навистина произведуваат.
Тој додаде дека во однос на големите корисници, комбинати и стопанства со поголеми површини, рентабилноста кај нив е различна во однос на малите производители, но дека и таму постојат јасно дефинирани критериуми.
Министерот посочи дека во почетните години од воведувањето на субвенциите имало позитивни ефекти и раст на производството, но дека во изминатите 7 до 10 години се бележи сериозен пад во производството на храна.
„Во рамките на работната група, во која лично учествувам, беше изработена детална анализа за да имаме јасен пресек и да поставиме основа за реформи, со цел прилагодување на земјоделците за новиот стратешки период 2028–2035 година“, појасни министерот.
Тој додаде дека во текот на 2026 и 2027 година земјоделците постепено ќе се подготвуваат за новиот правец на државната поддршка во секторот, со цел природните предуслови што ги има државата, сонце, вода и квалитетна почва да дадат резултати какви што ѝ се потребни на земјата. објави Скопје1.мк