Во врска со овчарството, важно е да се нагласи дека во согласност со дадените обврски и програмата, беа зголемени финансиските средства за половина.

„Сега субвенцијата за грло овца изнесува 3,000 денари“, потенцираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Тој додаде дека покрај постоечките 6 денари, за секој литар предадено млеко се додаваат уште 7 денари. “Дополнително за литар предадено млеко од постоечките 6 денари ги зголемивме за 7 денари за литар”, изјави Трипуновски.

„Органските производителите добиваат дополнително 1.500 денари по грло. Работиме да се зголеми сточниот фонд и поради тоа предвидовме мерка за зголемување на основното стадо, секој кој што ќе го зголеми своето стадо за минимум 30% ќе добиe 30% зголемени субвенции“, појасни министерот.

„Располагаме со квалитетно јагне, кое што е барано надвор од нашите граници, Министерството секогаш ќе биде тука за овчарите, за фармерите и земјоделците“, изјави Трипуновски.

„Досега се откупени некаде 120.000 јагниња согласно податоците со кои што располагам. Побарувачката на јагниња би требало да заврши во текот на 7 до 10 дена. Се очекува да се откупат дополнително од 8 – 10.000 јагниња, значи дека ќе биде сето откупено“, истакна министерот.

Министерот Трипуновски посочи дека според сегашната Програма секој фармер треба да има минимум предадено 50% од јагнињата за да може да биде корисник на основната мерка.

„Ја следиме состојбата и по завршување на откупот, наредниве денови ќе направиме анализа. Ги уверувам фармерите дека секогаш ќе бидеме на нивна страна и ако треба да направиме некоја корекција во делот на Програмата, сигурно ќе ја направиме“, нагласи тој.