Турција, едно од најпопуларните туристички одредишта во светот, во 2025 година ја посетија околу 64 милиони туристи, остварувајќи приход од околу 56 милијарди евра. За 2026 година Турција се надеваше на над 65 милиони посетители и приходи од околу 59 милијарди евра, но војната во Иран го наруши овој оптимизам.
Веднаш по нападот врз Иран, масовно почнаа откажувања на ноќевања, особено во источните и југоисточните турски дестинации. Иранските туристи, кои вообичаено доаѓаат за празникот Новруз, годинава сите откажаа. Според Турскиот статистички завод, годишно во Турција доаѓале околу 3,3 милиони ирански туристи.
Туризмот во овие региони беше значаен извор на приходи, но по американско-израелскиот напад на Иран на 28 февруари, ситуацијата целосно запре. Туристите сега се насочуваат кон западни дестинации, како Шпанија, што зголемува побарувачка за авиосообраќај и потенцијално повисоки цени на билетите.
Популарните дестинации како Истанбул, Бодрум и Анталија засега се безбедни и без масовни откажувања, но се забележува воздржаност кај одредени пазари. Турската туристичка индустрија е отпорна и веќе искусна во справување со кризи, но краткорочните загуби се неизбежни.
Берлин ги предупреди своите граѓани да избегнуваат патувања во турските погранични провинции кон Иран, Ирак и Сирија, вклучувајќи ги Агри, Игдир, Ван, Шанлурфа, Мардин, Ширнак и Хакари.