Глобалната компанија „Cavo Otomotiv“ покажува интерес за подигнување на погон во ТИРЗ Скопје. Предвидената инвестиција се проценува на 25 милиони евра, а би се отвориле 500 нови работни позиции.

Од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони денес известија дека директорот Гоце Димовски денеска имал состанок со главниот извршен директор на компанијата, Кемал Аманоел. На средбата се разговарало за инвестициските планови и биле анализирани прецизните чекори за нивно остварување.

Овој состанок е продолжение на средбата која се одржа во март годинава, за време на посетата на владината делегација на Турција.

„Директорот Димовски го посочи значењето на инвестицијата на Cavo Otomotiv, земајќи предвид дека турските инвестиции во зоните континуирано растат.“

Дополнително, беа нагласени заложбите и посветеноста на Дирекцијата за ТИРЗ како институција која активно работи на подобрување на условите за инвестирање, во координација со Владата и сите релевантни чинители, соопштуваат од Дирекцијата на ТИРЗ.

Компанијата е основана во 1984 година и оперира во секторот за авто опрема, проектира и произведува безбедносни компоненти, како и разновидни механизми и кабли за управување за реномирани производители на возила. Покрај Турција, компанијата има присуство и во Канада, Германија и Словачка.