УЈП СО ЗНАЧИТЕЛЕН ПОРАСТ НА НАПЛАТАТА
Минатиот месец Управата за јавни приходи оствари значителен пораст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со јули 2024 година. Вкупната наплата од даноци – Данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка (ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно, приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега. По тој основ е остварен пораст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е пораст од 6,9% во однос на јули 2024 година.
Пораст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ се наплатени 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година.
Порастот на приходите не е случаен – тој е резултат на зголемена економска активност, како и посветена работа, партнерство и доверба која Управата за јавни приходи постојано ја гради со даночните обврзници – велат од УЈП.
Во изминатиот период, а во согласност со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и со нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата.
– Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима – нагласуваат од УЈП.